ПРАЗНИ СТОЛЧИЊА НА МОГИЛА

Фудбал: Нужна е поголема поддршка за Победа

– Серијата позитивни резултати не беше доволна за гледачите докрај да го исполнат стадионот

Moment od mecot Pobeda - Akademija     Pandev

Ако има спортски бренд во државава, познат по публиката, тоа секако е Победа. Затоа зачудува кога екипата игра пред полупразни трибини, а го заслужува обратното. Серијата позитивни резултати (победата дома со Шкупи, сензационалното реми во Тетово со Шкендија и куп-триумфот во Штип со Брегалница) не привлече доволно публика да се преполни стадионот Могила. На мечот со Академија Пандев (2-2 со головите на Илијовски и Шаркоски), имаше премногу празни столчиња. И на играчите не им е сеедно дали ќе играат пред малку или пред многу гледачи.Присутните се чудеа, прашувајќи се што е причината, а одговорот никој не го знаеше. Од едната трибина се слушаа група најмлади навивачи опремени со знамиња, дресови и реквизити, од другата подржани од повозрасните. За сите нив секоја чест, како и за останатите, главно редовни гледачи на секој меч. Но, недоволен е бројот на публиката да се исполни еден мал стадион. Прилеп со околината брои над 100 илјади жители, а не може да ги наполни трибините на Могила. Само активни фудбалери, тренери и фудбалски работници има над илјада. Ами млади категории во школите? Колку има некогашни фудбалери и тренери од сите клубови, а на трибина ретко да се види некој од нив.

Има необични примери. Ангел Тошевски од Велес на 63 години, облечен во црвен дрес, кога има можност редовно доаѓа во Прилеп да ја гледа Победа. Често оди и на гости. Порачал да купи оригинален дрес. Со нетрпение го чека и низ Велес да го носи со гордост, оти на него ќе пишува ,,Победа Прилеп”. Цане Таневски е родум од Ресенско, а во градов се преселил во 1957 година. Оттогаш ја засакал Победа и не пропушта куп, првенствен, ни пријателски меч. Иако навршил 88 години не му е тешко од Тризла да оди пешки до другиот крај на градов.

Има шанси да се поправи сликата. Во средата беше уште еден дуел дома (Победа – Работнички 2-4), а следниот меч дома е на 27 септември, в среда, со Скопје.

Loading