ИЗЛОЖБА „ЧЕНТО – БИОГРАФИЈА НИЗ ФОТОГРАФИИ“

По повод 60 години од смртта на  Ченто

Тематската изложба „Ченто – биографија низ фотографии“ ќе биде отворена в понеделник, 24 јули, во 20 часот во ликовната галерија од ЦК „Марко Цепенков“. Изложбата на Заводот и Музеј содржи 20 банери со фотографии, документи, мисли, делови од говори на Ченто со кои се претставува делото на првиот претседател на Президумот на АСНОМ Методија Андонов Ченто. Автор е историчарот Рубинчо Белчески, виш советник.

– Изложбата содржи преку 250 елементи, од кои околу 200 фотографии, 15 документи, 15 различни делови од  говори на Ченто, мисли, текстови и преку 30 фотографии од споменици, бисти, уметнички дела, монети, поштенски марки, восочна фигура. Давам придонес во расветлувањето, во презентирањето на ликот и делото на Ченто, создавајќи творба со поинаква форма и содржина од досега напишаните дела. Така ја почнав ,,собирачката” дејност и ,,трагање” по Ченто. Истражувајќи открив богат материјал. Проектот беше замислен како изложба и издавање на пообемна фотомонографија. За вториот дел се очекуваат дополнителни средства наскоро. Изложбата ,,Ченто – биографија низ фотографија”, содржи хронолошки подредени фотографии, собрани на едно место, со цел на гледачот, растоварен од читање на долги текстови, да му овозможам, да го следи неговиот живот исполнет со раскошни активности, но и фотографии кои ,,зборуваат” за ,,животот на Ченто и после смртта”. Се надевам дека успеав. Ако една поговорка вели: ,,Една фотографија, илјада зборови”, тогаш колку зборови содржат овие фотографии? Проектот е истражување низ Прилеп, низ Македонија и притоа во голема мера ми помогна семејството на Ченто, особено, синот Илија Андонов – Ченто и ќерката Марија Јакимоска, на кои им изразувам голема благодарност за соработката – вели  Белчески, кој  работел подолг временски период.

Изложбата е по повод 60 години од смртта на Методија Андонов Ченто (24 јули) и 115 години од раѓањето (17 јули).   

Loading