ВОЛШЕБНИК, НЕ ЧАРОБНИК

ivce1Секоја втора среда излегува мал весник. Со малку страници. Обработува теми од здравството, од медицината. Среќаваме во него убави совети и поуки за начинот на исхраната и лекувањето. Во една статија се зборува за корисноста од сувото овошје. И еве сме пак ние! Ние, кои не можеме да  ги завршиме работите без грешка. Фалејќи го сувото овошје, авторот објаснува колку се полезни орасите и сувите банани. ОРАСИ?! Каде ли го најде тој збор? Оревите се познато овошје. Мошне познато. Дури и во крстозборите често го среќаваме: “Овошје со тврда лушпа”. И најлошиот решавач на крстозбори веднаш ќе го препознае. Ако не е бадемот или лешникот, тогаш е ОРЕВОТ. До кога нашата престолнина ќе ни го наметнува својот жаргон како литературна норма?

Повторно тема од здравството. Во ТВ емисијата гостинот (лекар) објаснува за определена болест. Но, објаснува и за лек со кој може успешно да се лекува болниот. Вели: “Лекот е со изузетно добар ефект”. Зар не можеше да каже дека лекот е многу добар, дека е одличен, дека е ефикасен, но ете, лекарот вели дека лекот бил со ИЗУЗЕТНО добар ефект. Постојат многу начини и многу зборови кои можат да ни ја објаснат ефикасноста на лекот. Зошто тогаш српскиот збор – ИЗУЗЕТНО? Ако веќе морал да го употреби тоа објаснување, на таков начин, зошто не го употребил македонскиот збор – ИСКЛУЧИТЕЛНО? Лекот можел да има ИСКЛУЧИТЕЛНО добар ефект. Докторе! Ги слушавме со внимание советите. Во разговорите имаше и поситни јазични грешки, но оваа е “изузетно” голема.

Гледавме театарска претстава. Убава претстава. Станува збор за драматизација на расказ од Живко Чинго. Како што би рекол споменатиот лекар – ИЗУЗЕТНО убава. И еве ја повторно нашата констатација, дека кај нас ништо не може без грешка (јазична). Се случи и овде. Токму на крајот од претставата. Не можеме точно да го цитираме актерот, но станува збор за зачестената употреба на именката ЧАРОБНИК. Реди актерот: “Чаробник број 1, чаробник број 2” и така, до 12. 12 ЧАРОБНИЦИ. Зборот ЧАРОБНИК во македонскиот јазик гласи – ВОЛШЕБНИК. Не веруваме дека Живко Чинго можел да го употреби тој збор. Но ако, евентуално, му се случила таква грешка нему, тогаш требало да биде поправена. ВОЛШЕБНИК е тоа кај нас. Врз таа основа се формирани и придавките ВОЛШЕБЕН, ВОЛШЕБНА, ВОЛШЕБНО. Познат ни е изразот “Волшебно стапче”, познат ни е насловот “Волшебното самарче” и многу такви. Во случајов, зборот ЧАРОБНИК се вовлекол како натрапник во убавата претстава. Фрлил непотребна сенка врз ВОЛШЕБНО убавото театарско остварување.                 

Loading