ПОБЕДА СИГУРНО ЌЕ БИДЕ ПОДОБРА ОД ЛАНИ

Фудбал: Заклучен играчкиот список на прволигашот

– Сметам дека нема да се бориме за опстанок, туку за место погоре на табелата – вели тренерот Штерјовски

Mnogu igraci na treninzite na   Pobeda

Денот по утрото се познава, а ефектот на фудбалерите се наѕира според подготовките. Екипата на Победа веќе 12 дена сериозно ги одработува тренинзите од кои ќе зависи формата во дуелите за бодови, и ако се земе предвид дека постои решеност да се истрае докрај со ова темпо, може да се очекуваат плодовите веќе наесен. Околу актуелностите оценката е на првиот стручњак, Зоран Штерјовски.

Ги доведовте Борче Маневски и Новче Ацески?

– Маневски е екстра – играч, напаѓач со докажан квалитет. Беше играч на годината во земјава. Се покажа и во странство. Ни требаше таков играч кој ја прави разликата. Ацески замина пред да дојдам. Да бев тука, немаше да го пуштам. Го имам тренирано во Пелистер. Одличен играч е за средниот ред.

Новиот стопер?

– Азербејџанецот Турал Хумбатов. Се работи за играч кој стандардно настапувал во азербејџанската лига на позиција во одбраната. Висок е. Има желба да оди напред во кариерата, да биде поблиску до најквалитетните европски лиги. Има и репрезентативни настапи.

Голман?

– Се врати Ѓорѓи Јованоски од Беласица. Потребен ни е по разделбата со Тошески кој замина во Србија.

Планирате ли уште нови?

– Засега не. Добро е тие другите што останаа. До зима со овој играчки кадар ќе настапуваме, а потоа ќе видиме.

Екипава споредена со ланската?

– Сигурно ќе бидеме подобри. Сметам дека нема да се бориме за опстанок, туку за место погоре на табелата.

Povratnik megu stativite - Gorgi     Jovanoski

Подготовките?

– Минат одлично. Досега одработивме се што планиравме. Еден дел ќе тренираме низ пријателски средби во Банско, Бугарија и потоа пак се враќаме тука.

Жештините?

– Немаме некој проблем. Почнуваме околу 17.30 часот па натаму, кога е посвежо. Подобро во жешко да се работи, отколку во студено.

Пријателски?

– Почнуваме в недела со Ренова во Охрид. Потоа во Бугарија ќе имаме тестови со Монтана, Гоце Делчев Пирин, Академија Пандев, а договоривме и со Лирија…

А пред прилепската публика?

– Има шанси, но зависи и од ждрепката за првенството. Ривалите обично бараат да се игра во Охрид, а добро е последната проверка да ја имаме на Могила, за да можат нашите навивачи да го видат новиот тим на Победа.

Дојдени – заминати

Преодниот рок трае до 31 август, но како што стојат работите благовремено е заклучен списокот во Победа. Во него новодојдени се: Маневски (Малта), Ацески (Финска), Хумбатов (Азербејџан) и Јованоски (Беласица). Приклучени се тројца од Младинската екипа: Петроски, Ангелески и Цветаноски.

Заминати се сметаат Колевски, Котески, Дан. Талески, Војводиќ, Тошески, Ѓорѓиловиќ, Петрески и Коњарски.

Loading