АКТЕР – ГЛУМЕЦ

Поради технички грешки во конвертирањето на латиничните и кириличните букви,  повторно го објавуваме прецизно текстот ,,Актер – глумец,, на Благоја Ивчески. Им се извинуваме на читателите и на авторот за пропустот.

ivce1Дебатна емисија на телевизија. Учесниците – АКТЕРИ. Се споменува повеќепати зборот АКТЕР. Еден од колегите вели: ,,Ако сакаат сите нека бидат актери, јас сум глумец,,. Не навлегуваме и не ги знаеме неговите причини. Ќе се обидеме нешто да објасниме во врска со зборовите АКТЕР и ГЛУМЕЦ. Зборот ГЛУМЕЦ го има во старословенскиот јазик, но со поинакво значење. ГЛУМЕЦ значи дрдорко, фалбаџија, народски речено фалопртко. АКТЕР е француски збор – се пишува acteur (се чита актор). Зборот значи учесник во нешто, учесник во некој настан, во некоја игра. Човек кој дејствува во некој процес. Бидејќи на учесникот во театарска претстава основната задача е да дејствува во таа игра на сцената, врз таа основа (acteur) е изведена именката, според која тие луѓе од сцената да се викаат АКТЕРИ. Макаршто зборот нема словенско потекло, во најголемиот број од словенските јазици, прифатен е зборот АКТЕР. Во рускиот јазик е АКТЕР (се чита актјор), во бугарскиот исто така е АКТЈОР. Словенците го викаат ИГРАЛЕЦ, значи човек што игра, што учествува. Во полскиот јазик е AKTOR (актор). А таков е случајот и во другите европски јазици. На англиски е ACTOR, на шпански е исто така, на италијански е ATTORE. Оваа појава не е случајна што од францускиот збор ACTEUR се прифатила, речиси во цела Европа, именката АКТЕР да го означува токму оној учесник на сцената или на филмот. Кај нас ситуацијата е малку испомешана. Под влијание на српскиот јазик, длабоко навлегол зборот ГЛУМЕЦ. Во последно време преовладува употребата на именката АКТЕР, и тоа е добро и така треба. И во Факултетот за драмски уметности, главниот предмет се вика АКТЕРСКА ИГРА, а не ГЛУМА. Кај нас се користи доста често и зборот АРТИСТ. Но, артист значи уметник воопшто. Независно од која гранка.

Интересно е што старословенскиот збор ГЛУМЕЦ (дрдорко, фалбаџија) послужил врз таа основа да се оформи единствено во српско – хрватскиот јазик, именката ГЛУМЕЦ, за човек кој што дејствува на сцената или на филмот.

Тој збор (актер или глумец) можел да се изведе и врз основа на зборот СКОМРАХИ. А кои се тие СКОМРАХИ, и со што се занимавале? Уште во средните векови кога словенските јазици не беа кодифицирани секој посебно, постоеле такви луѓе. Луѓе, на дното од животот во материјална смисла но горди со својата професија. Од денешно гледиште СКОМРАХИТЕ би биле нешто како палјачовци, циркузанти, сојтарии. Во рускиот јазик тие се СКОМОРОХИ. А така биле и насекаде. Во подоцнежните средни векови кај нас тој збор се преобразил во СКОМРАХИ. Според тој збор можеле да се нарекуваат денешниве актери. Но, се тргнало по другиот пат, и се утврдила, именката што ја прифатиле, речиси сите европски јазици. Се нашло дека зборот АКТЕР е најсоодветен. И навистина е!

А Србите и Хрватите нека си го викаат ГЛУМЕЦ. Тие тргнале по друг пат. Таму тоа си е во ред.

Loading