ИГРА СО САМО ТРИ БЕКА – УМЕТНОСТ

Ракомет: Ице Соколески, тренер на Прилеп

– Летово доаѓа нов бек – левучар

Cekor po cekor napred - Ice   Sokoleski

Машката екипа на Прилеп пријатно изненади со резултатите и серијата од шест победи, за пласман на високото второ место на табелата од плеј-аутот. Успешно заврши уште една суперлигашка сезона. Тренерот Ице Соколески ги сумира впечатоците.

Не беше лесно?

– Турбулентна година која почна во август со турнирот ,,Миле Нешкоски” и одма следуваше двомечот со швајцарскиот Винтертур, според мене избрзан потег. Клубот реално не е подготвен за натпревари во ЕХФ, куп втор по ранг по Лигата на шампионите.

На домашна сцена целта беше плеј-офот?

– До крајот на основниот дел во наши раце беше четвртото место, но при крајот имавме пех – последниот меч со Радовиш го загубивме. Управата се ослободи од неколку играчи, тренерот Петрески се повлече. Како млад тренер останав да преземам одговорност. Опција беше да останиме во плеј-офот или да се бориме за опстанок.

Со ослабен состав?

– Без Рајчиќ, најдобриот голман во Супер лигата. Се решивме на Огнен Трајковски да го приклучиме младиот школуван голман од Скопје, Куртановиќ. Го дозавршивме првенството со нив и со нашата надеж, Ивчески. На бековската линија ги немавме Ангеловски и Мирков. Останавме со три бека – Бозароски, Јанчев и Орјоникидзе.

Како се снаоѓавте?

-Гледавме на тренинзите да не се преоптоварат и премногу да не се олабават. Тоа е уметност. Избегнавме некоја посериозна повреда. Освен во еден момент Орјоникидзе.

Најмладите во тимот?

– Жалам за повредата на бекот Шокоски кој требаше да ја добие минутажата. Се повреди на меѓуучилишен натпревар. Спасески го имавме на крилна позиција со Петрески, кој имаше повреда и паузираше три меча. Тодороски го користевме во одбрана, а се друго на бековска беа деца помали од 2000 година, реално нестасани за Супер лига.

Пеце Ѓорѓиески?

– Столбот Ѓорѓиески имаше тешка повреда пред крајот на есента. Докторите прогнозираа крај на кариерата. Неговата упорност и желба го вратија на паркетот. Со и без него одбраната е поинаква. Пример е натпреварот со Борец во Велес од кој зависеше плеј-офот. Дадовме 39, а примивме дури 41 гол.

Пласманот?

– Да падневме на претпоследно место за бараж ќе беше голем срам. Не смеевме да дозволиме во никој случај. Во цел плеј-аут имаме само еден пораз во Радовиш и тој не можам да го прежалам. Како да не верувавме дека ќе победиме. Сепак, успеавме со 43 бода да бидеме дури второ место, само бод под Пролет.

Екипата наесен?

– Сите остануваат: Грузиецот, Јанчев, двајцата голмани. Планот е да доведеме нови, пред сé, професонален голман и десен леворак бек. Со нив, пак, ќе атакуваме на плеј-офот.

Loading