ПО СКРШЕНА НОГА И ПРСТ ОСТАНА ГОЛГЕТЕРКА

Ракомет – Ангела Саздова, бек на Прилеп

Golem borec na parketot - Angela    Sazdova

Последните неколку сезони меѓу најдобрите ракометарки во градов е  бекот Ангела Саздова. Од родниот Пробиштип во ЖРК Прилеп (тогаш Жито Прилеп) дојде во 2012 година, забележана од Гимназијадата. Голгетерка, незадржлива со силен шут од дистанца, голем борец, а за тоа најголема потврда е враќањето по тешките повреди.

– Кога паузирав поради скршеници на ногата и на прстот, помислив дека никогаш повеќе нема да играм. Но, љубовта кон овој спорт беше пресудна.

Имате искуство од Металург?

– По опоравувањето потпишав за Металург. Беше феноменално – условите, соиграчите, конкуренцијата. Профеионално ниво. Како млад играч можев да се докажувам. Поради лошите финансии се вратив во Прилеп, каде го привршувам и факултетот.

Што беше понатаму?

– Со многу труд, со поддршка од тренерот Рубин Богојески, кој вложува во сите нас. Успеав да се вратам на терените со просек од осум гола по натпревар. Бев и стрелец на сезоната.

Оваа сезона завршивте како четврти?

– Добро се носевме со екипите на Овче Поле, Гевгелија и Пелистер. Најдобрите партии беа против фаворитите Металург и Куманово. Дома со Металург загубивме само со еден разлика, одигравме одлично. На гости во Куманово загубивме минимално со наши грешки, но и од судиска неправда.

Екипата на Прилеп?

– Клубот треба да ангажира повеќе играчи, поискусни. Не можеме да се носиме со другите екипи со девојчиња од 13 години кои првпат играат во суперлигата. Потребни се играчи на секоја позиција. Нашиот најголем хендикеп е немање измени.

Македонскиот женски ракомет?

– Знаеме дека финаниските и професионални услови има само во Вардар. Тешко е. Ракометот го сакам премногу и тренирам 12 години од љубов.

Каде во идната сезона?

– Сонот  е игра во голем клуб каде што може да напредува и да се докажува. Имам понуди, но нека останат тајна. Но, зошто не би останала во Прилеп, доколку има некои повисоки цели и можности?

Ракомет мажи

Прилеп – Радовиш 40-34

Одлична игра на машкиот тим на Прилеп во дуелот со силната екипа на Радовиш. Домашните победија со убедливи 40-34. Стрелци: Јанчев 10, Бозароски 8, Петкоски, Тренчевски и Спасески по 5, Тодороски 4, Нешкоски 2, Ѓорѓиески 1. Разлика од два на шест гола беше направена во самиот финиш. Вчера (четврток) се одигра и натпреварот со Металург 2 во Скопје.

Табела: Пролет 41, Прилеп 40, Радовиш 36, Вардар 25, Металург 2 – 24, Работнички 0.

Loading