ДВАЕСЕТ ПРЕТСТАВИ ВО ОФИЦИЈАЛНА И ПРИДРУЖНА ПРОГРАМА

Комплетирана програмата за 52 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“

Комплетирана е програмата за 52 издание на МТФ „Војдан Чернодрински“ што почнува на 9 и ќе трае до 16 јуни. Уметничкиот директор Петар Темелковски вели дека подготовките се при крај, а љубителите на театарот ќе проследат квалитетна програма, како во официјалната, така и  придружната.

– Ќе се гледаат одлични претстави од различни жанрови. Ќе бидат задоволени сите вкусови. Отворањето е со претставата „Венецијанскиот трговец” на Драмскиот театар од Скопје, а затворањето со мјузиклот „Тајно моја” – вели Темелковски.

Во официјалната конкуренција се 12 претстави на македонските театри. Театарот „Војдан Чернодрински,, на 10 јуни ќе се претстави со „Фигурае венерис хисториае” (Љубовни пози на историјата) во режија на Наташа Поплавска.

Во придружната програма се настапот на МОБ со „Час”, претставувањето на театарот „Скрб и утеха” и неколку претстави од театрите и студентите  на ФДУ и ЕСРА. Најмладите ќе ја видат „Мачорот во чизми” од Театарот за деца и младинци.

Планирана е и промоција на театарска литература, а влезниците ќе се продаваат на билетарницата од ЦК „Марко Цепенков”.

Loading