КОМЕДИЈАТА „ХРОНИКА НА ЕДЕН СОН“

2. Prva sorabotka na Ivana Angelovska   so nasiot teatarВ понеделник премиера

„Хроника на еден сон“, текст од Ивана Нелковска, во режија на Ивана Ангеловска е претставата што ансамблот на театарот „Војдан Чернодрински“ премиерно ќе ја прикаже в понеделник 5 јуни од 20 часот. Станува збор за текст комедија, гротескна приказна, која ќе биде праизведба во Македонија.

– Низ содржината на текстот ликовите нé внесуваат во фантастичниот свет на Луна Паркот полн со детска невиност и шаренило кое полека метаморфозира во крик на очајна потреба и зависност од љубов и среќа на едно општество каде сонот станува неможен, а радоста материјален производ – вели драматургот  Ивана Нелковска.         

Режисерот Ивана Ангеловска потенцира дека со драматургот соработувала неколку години и имала посебен и интересен начин на пишување и поглед на свет.

– Ми се допаѓа леснотијата и комичноста со кои зборува за страшно горчливи и длабоко потресни теми што го оптоваруваат современиот човек.  Нејзиниот текст е одлична прилика да проговориме за најдлабоките стравови и кошмари. Плус е шанса да видиме текст на наш млад и современ автор. Последно време како да не им дава доволно простор на авторите во подем. За театрите е значајно да ја поддржуваат и развиваат домашната драматургија – вели режисерката.

Текстот е сплет на 12 фрагменти, 12 индивидуални приказни кои движејќи се на тенката граница меѓу реалноста и сонот го истражуваат дезинтегрирањето на човекот и уништувањето на сите човечки вредности во современиот свет.     

– Под притисок на современото општество стануваме сопствени демони, подготвени да уништиме поради егоистични цели. Така сонот станува кошмар, а индивидуалната радост – нечија туѓа тортура. Со ансамблот раскажуваме  приказна, еден кошмар за падот на човештвото и да се отворат прашањата: Што значи денес да си човек? Постои ли љубов и пријателство? Дали станавме бездушници во убави костими кои единствена сатисфакција гледаат во пари и моќ? Дали сме само покорни поданици на безвредни авторитети? И конечно каков свет и каква иднина создаваме? Крајот на човечкиот род ќе дојде кога човек повеќе нема да претставува комбинација на дух и тело, туку ќе претставува само тело – додава Ангеловска, потенцирајќи дека ова е нејзина прва соработка со нашиот театар и дека и било вистинско задоволство и уживање да се работи со еден посветен и креативен ансамбл.

Играат Марија С.Илијеска, Игор Трпчески, Александар Тодески, Катерина Ч. Клинческа, Марјан Чакмакоски, Илија Волчески, Ана Тодеска, Виолета Чакарова, Ангела Наумоска. Костимографија е на Марта Трендафилова, а музиката на Зоран Тевдовски.

Loading