ПРОСЛАВА НА 90 ГОДИНИ ЖИВОТ НА ВАЈАРОТ, АКАДЕМИК БОРО МИТРИЌЕСКИ

Сефте со скулптура од леб

Vajar so sekira akademik Boro Mitrikeski - akademik skulptor slikar

Секогаш ведриот и расположен прилепски академик, скулпторот Боро Митриќески со изложба во МАНУ одбележа  50 години постоење на Академијата, 70 години творештво и 90-тиот роденден. Варошкиот палав и надарен скулптор во дрво е познат по неговиот стил на вајање со секира. Тој на изложбата изјави дека некои дела и ги заборавил во богатиот творечки опус во мермер, метал, бронза. Академик е 20 години, но е македонска уметничка величина, од една страна со немирен дух, а од друга со великодушност. Малото тутунарче, козарче, па чувар на кокошки, првото дело го направил со прсти од средината на лебот кога се враќал од фурната дома на Варош, за што домашните го карале. Преку креацијата на Самоил, со  вујко му успеал да се запише на академија.

Колегите велат дека во младоста бил најбрз во искачувањето до Маркукуле и назад. Таа енергија ја преточувал во творештвото. Во делата провејува инспирацијата на релјефот на Марковите Кули и природните скулптури на Баба, Слонот, па и тутунот, лутата пиперка, приказните од Марко Цепенков…

Најдрага му е бистата на Блаже Конески во Музејот – родната куќа во селото Небрегово. Скулптура има и на гробот на Конески во Скопје. Митриќески мечтае да остави уметнички белег во родниот Варош. Вештите прсти додека го држат, да го создадат Ѓорче Петров. Да не биде прилепчанецот без своја трага на родното огниште, додека на скулптурите му се воодушевуваат во Моска со Марко Цепенков во бронза, Австралија, Јапонија, низ цела Европа, неколку низ Америка, во Кувајт, Израел, дури и во Јужна Америка. Негово дело во дрво е украдено од галерија во Париз.

Автор е на “Коњаник – воин” во галеријата Даутпашин амам во Скопје, на која фрли око да ја купи емирот од Катар, бидејќи сметал дека скулптурата има душа. Понудил 500 илјади евра, ако е на продажба, да ја пренесе и во галеријата на светската современа уметност во престолнината на Катар, Доха.

Робот на уметноста, како што вели, оти друго не знае, главно бил преокупиран со портрети. Создал над 50 излиени во бронза.

Митрич, како што го викаат, во младоста се натпреварувал во стоење на глава за време на роденденот на колегата Луловски. Бил наградуван со аплаузи, оти подобро играл сиртаки од Грците во Атина во седумдесетите години од минатиот век. 

Loading