ДЕВЕТТИ ПАТ ВО БИТОЛА

Победа

Екипата на Победа ја прекина серијата нерешени натпревари преку поразот во Тетово, од Ренова (1-0). Продолжена е само серијата на мечеви без постигнат гол. Досега се шест (ако не се смета автоголот за реми со Шкупи). Попрецизно 547 минути прилепскиот тим нема постигнато гол. Тука е проблемот за освоените, скромни, четири бода. Во Тетово се прикажа добра игра, можеби најдобрата во пролетниот дел на гости. Се создадоа многу шанси, а ниедна не се искористи.

Тимот немаше ниту среќа и така сé се сврти против. Ова е тежок период и јуначки мора да издржи, оти постојат шансите за опстанок. В недела е соседското, пелагониско дерби со Пелистер. Победа деветтипат сезонава ќе настапи во Битола. Има четири пораза, две нерешени и две победи. Сега теренот е реновиран, идеален, дава можност за надигрување. Поради пет жолти картона ќе отсуствува Ј. Наумоски.

Табела: Вардар 65, Шкендија 54, Работнички 46, Пелистер 37, Силекс и Ренова по 35, Шкупи 29, Победа 23, Брегалница 19, Македонија ЃП 18.

Loading