ДИМНА ЈУДА ГРАД ГРАДИЛА

ivce1Одамна, многу одамна, за првпат сме ја слушнале оваа песна во изведба на тогашната пејачка група на ансамблот “Танец”. Сме ја слушнале и сме ја потпевнувале во тие младешки денови:

Димна јуда мамо

Град градила,

На планина мамо

На баир…

Ја потпевнувавме или подобро би се рекло, ја тананикавме, зашто не знаевме што е тоа димна јуда. Сме прашувале што значи тоа но никој не можел да ни објасни. Со времето, осознавме дека ЈУДА е САМОВИЛА. САМОВИЛА (а не ВИЛА  како што ја викаат некои). А тие, самовилите, се митолошки женски суштества со натприродна убавина што обично се поврзува со природата, особено со шумите и со реките. Така може да се нарекува и жена што се споредува со својата убавина со самовилите.

Значи ЈУДА е САМОВИЛА, тоа го осознавме. Ама што е тоа ДИМНА ЈУДА? Сме слушнале и за ДИМНА ГОРА, но и тоа не ни било јасно. Каква е таа ДИМНА ГОРА?

Навистина се почувствувавме радосно кога осознавме дека ДИМНА, значи ЧУДЕСНА, ПРЕКРАСНА. Значи, прекрасна чудесна самовила или прекрасна гора. Долг беше патот додека дојдовме до ова сознание. Досега лутавме, баравме, прашувавме. Најпосле ја сретнавме книгата на Блаже Конески – “На јазични теми” издадена од “Мисла” – Скопје во 1981 година.

Во посебно поглавје, Конески пишува за некои јазични особености. Објаснува тој дека зборот, епитетот ДИВНА, ДИВНИ, доаѓа со познатиот преод на самогласната група “ВН” во “МН” (одавна – одамна). Да напоменеме и тоа дека зборот ДИВНО има грчко потекло. Како во претходниот пример (одамна) така е дојдено до употребата на епитетот ДИМНА, ДИМНИ. И во овој случај “ВН” преминало во “МН” – ДИВНА (ДИМНА) ЈУДА. Конески појаснува дека овој епитет се поврзува и со Марко (Крале). ДИМНИ МАРКО. Наведува тој и цитат од народна песна од кукушкиот крај: “Мојот тејко МАРКО ДИМНИ МАРКО”.

Наведува Конески и еден друг сличен пример. Цитира стих од народна песна од охридско – “РАМНИ босиљци вадеа”. Очигледно е дека епитетот РАМЕН е видоизменет облик од РАНЕН (ран) босилек. Преминот на согласките “МН” во “ВН” можеме да го сретнеме и сега, не само во народните песни. Сме сретнале повозрасни луѓе кои велат ВНОГУ наместо МНОГУ. Не можеме да ги најдеме причините. Веројатно тоа е остаток од некое подалечно време.

Треба да напоменеме дека зборот ЈУДА (димна јуда) нема никаква врска со Библиското име Јуда Искаријот, со предавникот на Исус Христос. Поради тоа и во преносна смисла се употребува зборот јуда за некој кој е предавник, кој извршил предавство. Во конкретниов случај не интересираше само името ДИМНА ЈУДА, односно значењето на зборот ДИМНА. Долго време го баравме. Еве, најпосле осознавме што значи ДИМНА ЈУДА. Со други зборови тоа си е ПРЕКРАСНА, ЧУДЕСНА САМОВИЛА.

Чудесна самовила која градела град на планина, на баир. Сега можеме и да ја пееме песната, не само да ја тананикаме.

Благоја Ивчески

Loading