ТЕАТАРОТ МИ Е ЖИВОТ И ТРЕМА ПО 33 ГОДИНИ

Андон Јованоски – Ашата, добитник на наградата за споредна улога на МТФ “Војдан Чернодрински”

Andon Jovanoski nagarden za uloga vo pretstavata ,,Svejk vo vtorata svetska vojna,,Актерот Андон Јованоски – Ашата, кој 33 години е дел од театарот “Војдан Черндорински”, а на сцената  зачекорил како аматер ученик од основно училиште, за улогата на Бретшнајдер во претставата “Швејк во втората светска војна” во режија на Мартин Кочовски, на 49 МТФ “Војдан Чернодрински” се закити со наградата за споредна машка улога, за која вели дека премногу му значи.

– Очекував да бидам награден на неколку наврати, бидејќи имам добри остварувања, но тоа се случи сега. Пријатно се чувствував кога ми јави Стојан Дамчески. Наградата е потврда за трудот што го вложив во претставите на Кочовски. Сите ме знаат како актер кој не е “забушант”. Доста работам, дури некогаш им подвикнувам на колегите или да работиме или не – вели Андон.

Јованоски играше во трите претстави на Мартин Кочовски.

– Режисерот ми даде тешки задачи, на кои, ми се чини дека одговорив. Напорно беше, ама трудот се исплати. Важно е признанието. Многу сум задоволен од реакцијата на публиката при доделувањето на наградата. Тешко беше да се пренесе ликот на Бретшнајдер, како секој лик. Се работи полека, внимателно, прецизно, темелно, додека се дојде до крајната цел. Играм строг, фашист, кој попушта. Сé знае за жените, оти се заљубува во гостилничарката. Успешно го одиграв ликот, кој имаше многу трансформации. А Мартин никогаш не е задоволен од тоа што ќе го дадеш, секогаш бара повеќе – вели актерот.

Најголемиот број улоги во кариерата ги остварил во комедии, за што вели дека потешко е  да се игра.

– Во другите претстави фаќаш линија и тераш. Во комедијата има милион трансформации. Ако не доловиш ништо не си постигнал – додава тој.

Одиграните улоги не ги брои, ама потенцира дека нема мали и големи улоги, туку  има мали и големи глумци.

– Ја паметам првата улога, на Цанде, во “Солунски патрдии”. Одиграв 100 претстави. Добро ми легна улогата на вујкото во “Антица”, која ми е многу драга, па во “Многу врева за ништо”, во комедиите “Молам за секс”, “Од кол на кол”, па во “Тапаните…”, “Кавкаскиот круг со креда”, “Швејк…”. И покрај толку искуство, секогаш имам трема пред претставите. Таа трае додека кинисам со првата реплика. После сé оди како подмачкано. Публиката не постои. Сцената е сé за мене. Ако го засакаш театарот, тој станува твоја љубов, му робуваш вечно. Се сеќавам дека покојниот колега Жежоски, пред кого играв реплика, а рацете ми беа “жива вода”, ми рече “Од тебе ќе биде актер”. Еве веќе 33 години, театарот ми е  живот – потенцира Андон Јованоски. 

Loading