БИЛКИТЕ НА БАБА РАДА

ivce1Ретко некој веруваше дека емисијата за билките на Баба Рада ќе стане толку популарна. Но, ете, Баба Рада убаво ја води таа емисија. Познати и се многу лековити својства на многу билки. Повикува и свои гости во емисијата, луѓе кои исто така се верзирани во оваа област. Голем дел од гледачите имаат здравствени проблеми, се јавуваат, прашуваат и бараат совет за своите тегоби. Запишуваат рецепти, ги запишуваат имињата на билките, нивните карактеристики. Не ја следиме редовно оваа емисија, но во врска со јазичните грешки треба да ја пофалиме Баба Рада. Не прави таа многу грешки. Сепак, кај нас не може да помине без грешки. Во една емисија, најмногу се зборуваше за билката МАТОЧИНА. Така го вика ова растение Баба Рада. Така го викаат и нејзините гости. Така го научуваат и гледачите. Многу луѓе, премногу, откако слушнале за убавите својства, кажуваат дека ја насадиле тревката МАТОЧИНА во својот двор. Некои прашуваат каде може да се најде, каде расте МАТОЧИНАТА. Значи, сите го прифаќаат тоа погрешно име и така го викаат. Оваа билка во српскиот јазик се среќава како МАТОЧИНА и како МАТИЧЊАК. И двата збора не можат да се вклопат во македонскиот јазик. Кај нас тоа гласи ПЧЕЛНИК или МАТИЧНИК. И двата збора се одбележани во Речникот (тритомниот). Латинското име на ова растение е MELISSA OFFICINALIS. Има мошне пријатен мирис. Мириса на лимон. Многу е добро за смирување на стомачни тешкотии, за смирување на нервите, а се користи и за многу други болести. Пчелите многу го сакаат тој мирис. Кога се ројат, новиот рој излегува од кошницата и кружи околу, барајќи место каде ќе застане. Каде што ќе застане матицата таму се собира сиот рој. Пчеларите ги премачкуваат, ги истриваат улиштата со лисјето од ова растение. Бидејќи матицата, а и сите пчели ги привлекува овој мирис, тие ќе се соберат во улиштето што ќе им го подметнува пчеларот. Пчелите се собираат и така се спречува нивното бегање некаде далеку. Тоа е подолг и не многу лесен процес, но сега нема да навлегуваме таму. Важно ни беше името. Според името на матицата билката добила име МАТИЧНИК, а според пчелите – ПЧЕЛНИК. Чудно е што и Баба Рада и нејзините гости го употребуваат српскиот збор МАТОЧИНА. Можеби поради тоа што користеле литература само на српски јазик. Книгите со ваква содржина на македонски јазик се доста ретки, а и да има некои преводи, преведувачите не се на некое особено ниво. Зошто не проверил никој во Речникот?

Во книгата МАКЕДОНСКИ ПРАЗНИЦИ од Марко Китевски, сретнавме еден интересен податок. Зборувајќи тој за некои адети кои се практикуваат на Величетврток (според Е.Спространов) се ЗАПОТНУВАЛЕ некои предмети. ЗАПОТНУВАЊЕ значи украсување, китење со зеленило. Тоа се правело на жапките од портите, на долапите, на амбарите, на каците, на стомните и така натаму. А тоа се правело со билки кои имаат волшебна моќ – кукурек, вратика, ЧЕЛИНОК. Го пишуваме со крупни букви зборот ЧЕЛИНОК. Тоа е всушност ПЧЕЛИНОК. Се испуштило тоа “П”, како што е случајот со именката ПЧЕНИЦА, која понекаде ја викаат ЧЕЊЦА. Еве, се присетивме на некои разговори со некои пчелари од околните места на Прилеп. Кога зборуваа нешто за роењето на пчелите го спомнуваа зборот ЧЕЛИНОК.

Значи, во Речникот се одбележани именките МАТИЧНИК и ПЧЕЛНИК, меѓу народот се користи и (П)ЧЕЛИНОК, а сепак кај нас најмногу е употребуван зборот МАТОЧИНА кој не е наш. И не е само оваа грешка што се прави во оваа област. Отсекогаш, од најстари времиња познато е растението ГЛУВАРЧЕ. Познато е, нели, дека семето од ова растение лета низ воздухот и ветерот може надалеку да го разнесува. Кога бевме мали, не плашеа дека ако ни влезе некое семче во увото ќе оглувниме. Значи, многу познато растение и познато име. Отсекогаш. Сега често слушаме луѓето да го викаат МАСЛАЧАК. Така го прочитале во српските книги.

Речиси, во сите книги со лековити билки пишува дека за секоја болест постои лек. Така вели и Баба Рада. Можеби е така.

Само за грешките во нашиот јазик, се уште не е порасната лековита билка.

Благоја Ивчески

Loading