ПОДВОЗНИК – ПОТПАТНИК, НАДВОЗНИК – НАТПАТНИК

ivce1Многу често употребуваме зборови кои не се наши. Исто така, многу често погрешно “помакедончуваме” туѓи зборови. Затоа, радосен е податокот кога ќе сретнеме некој неологизам, новосоздаден збор. Слушнавме во некоја телевизиска емисија нешто во врска со изградбата на автопатот од Кичево за Охрид. Слушнавме дека ќе имало седум НАТПАТНИЦИ и пет ПОТПАТНИЦИ. Не сме ги чуле досега овие зборови. Веднаш ќе кажеме дека тие се изградени според правилата на нашиот зборообразувачки систем. Со предлозите НАД и ПОД како префикси, имаме доста именки во нашиот јазик. НАДЛАКТИЦА, НАТКОЛЕНИЦА, НАТСТРЕШНИЦА (со префиксот НАД) потоа, ПОТКОЛЕНИЦА, ПОДОПАШНИК (може и подопашница) и многу други. Предлозите со кои се префиксираат овие именки некаде се напишани НАД и ПОД, некаде НАТ и ПОТ. Тоа е поради едначењето според звучноста.

Рековме дека новоформираните зборови (натпатници, потпаници) се образуваат според правилата во нашиот јазик. Само, во конкретниов случај, не ја знаеме еднинската форма на тие именки. Дали, да речеме, е ПОТПАТНИЦА или ПОТПАТНИК. Можни се двете варијанти. Според нас, ако веќе треба да се користат овие именки, подобро би било да гласат (во еднинската форма) ПОТПАТНИК и НАТПАТНИК. Зборовите не се создадени потамина. Некој размислувал (правилно) и ги предложил. Убаво е тоа, но сега би си го поставиле прашањето дали е потребно. Дали ќе можат овие новосоздадени зборови да си зафатат место во нашиот јазик. Со истото значење веќе ги имаме именките ПОДВОЗНИК (подвозници) и НАДВОЗНИК (надвозници). Зборот ПОДВОЗНИК е одбележан во нашиот Речник (тритомниот). Такви објекти постојат одамна кај нас. Но, НАДВОЗНИЦИТЕ се појавија откако почнаа да се градат модерни патишта, автопатишта, со големи крстосници и клучки. Речникот беше издаден пред таа појава. Сега се појави потребата од зборот НАДВОЗНИК. И се пронајде тој збор. Си се нареди еднододруго со зборот ПОДВОЗНИК. Можеби тие именки се создадени според српскиот модел ПОДВОЖЊАК и НАДВОЖЊАК. Но, тоа не е никаков грев. Можеби поводот е таков, но зборовите одговараат на нашите граматички и правописни правила. Потребата го роди зборот НАДВОЗНИК, тој се појави, го најде местото и веќе влезе во составот на поновите речници. На пример, во Речникот на Зозе Мургоски стои: НАДВОЗНИК – мост преку кој поминува пат или железничка пруга. За ПОДВОЗНИКОТ се знае, обратно од НАДВОЗНИКОТ.

Овие зборови се зацврстени во нашиот јазик. Затоа, изразуваме сомнеж дали новите ПОТПАТНИЦИ и НАТПАТНИЦИ ќе најдат оправдано место. Дали ќе им го земат местото на веќе утврдените. Друго е прашањето, што многу луѓе под влијание на српскиот јазик, уште велат ПОДВОЖЊАК и НАДВОЖЊАК. Тука се јавува и една тешкотија при артикулацијата на групата согласки ЖЊ, па нашиве луѓе обично велат – ПОДВОЖНАК и НАДВОЖНАК.

Рековме дека е убаво кога ќе се создаваат неологизми врз основа на нашиот зборообразувачки систем. Случајов е таков и е добар. Но, дали е потребен? Да не е задоцнета појавата на овие нови зборови? Дали не прилега тоа на онаа народната – “По свадба тапани”. Кога веќе имаме изградено зборови, со точно определено значење, дали имаме неопходна потреба да бараме и да создаваме нови.

Точно е тоа дека е убаво, за еден поим да има и повеќе зборови и повеќе изрази. Сепак, сметаме дека овој случај не е таков. Зборовите – ПОДВОЗНИК и НАДВОЗНИК имаат фатено длабок корен. Тешко дека нешто ќе може да ги откорне. Освен тоа, самиот гласеж на именките ПОТПАТНИЦИ и НАТПАТНИЦИ тешко ќе може да ги прифати нашето уво, кое веќе свикнало на ПОДВОЗНИЦИ и НАДВОЗНИЦИ.

Ќе видиме. Времето ќе покаже, која варијанта ќе добие предност?! Можеби двете!

Благоја Ивчески

Loading