ЗАДОЦНЕТ ОДГОВОР

ivce1Убаво е кога ќе се јави некој читател во врска со проблемите во нашиот јазик. Убаво е кога ќе се произнесе со некаков став, мислење, па и со забелешки за определени грешки. Грешките секогаш и секаде се можни. Пред некое време се јави со свој напис во редакцијата на Зенит, господин Звонко Петрески. Освен името и презимето немаме други генералии.

Ќе го приведеме во целост написот на господин Петрески. Точно онака како што е напишан, со таа разлика што неговиот текст е пишуван со латинска азбука а ние ќе го пренесеме со кирилица.

Еве вака:

Почитувани,

Се обидов да го пронајдам facebook г-дин Благоја Ивчески, не сакајќи да Ве ,,гњавам,, вас, но во тоа не успеав

Секоја чест за почитуваниот господин и неговата рубрика во Вашиот весник, но кога знаеме да критикуваме некого мислам дека треба да дадеме пример тргнувајќи самите од себе. Имено во неговата рубрика во последнио број на Зенит, критикувајќи ги говорите на неколку политичари за неупотребата на правилен говор, во самиот текст употребува ,,посматра,,. Правилно е да се употреби ,,надгледува,, или ,,набљудува,,, нели г-да?

Со оваа моја забелешка ништо злонамерно, но само потсетам дека треба и самиот да внимава за да неговата рубрика би имала тежина и би била веродостојна. Всушност да не испадне како онаа кај лекар: ,,Не гледај што правам јас, слушај што ти зборувам,,.

Рековме дека написот го пренесуваме во целост, од збор до збор. Коментарот го препуштаме на читателит,е а ние ќе се задржиме на она за кое господин Петрески смета дека е погрешно. Тој мисли (!) дека глаголот ПОСМАТРА не треба да се употребува, туку треба НАБЉУДУВА или НАДГЛЕДУВА.

НАБЉУДУВА може да се користи и за тоа нема потреба од понатамошен коментар. НАДГЛЕДУВА? Тој глагол има поинакво значење. НАДГЛЕДУВАЧОТ е всушност НАДЗОРНИК. На пример, група работници имаат НАДЗОРНИК, НАДГЛЕДУВАЧ. Тој ја надгледува работата, ја следи, ја контролира. Но, тоа не е НАБЉУДУВАЊЕ, нели господин Петрески? Но ако! Ви се случило да не ја почувствувате разликата меѓу двата збора. Сега да се позанимаваме со најголемиот ,,натрапник,,, со зборот ПОСМАТРА. Велите дека не треба да се употребува тој збор! Веројатно кога сте го прелистувале Речникот сте ја прескокнале токму таа страница. Ништо! Се случува тоа! Ќе ви помогнеме. Отворете го Речникот (тритомниот) на 368. страница. Ќе го пронајдете таму глаголот ПОСМАТРА и сите други деривати – ПОСМАТРАЧ, ПОСМАТРАЊЕ, ПОСМАТРАЧКИ. За глаголот ПОСМАТРА пишува дека значи следење со поглед, дека значи следење со цел нешто да се испита. За ПОСМАТРАЧОТ се вели дека е лицето што посматра. Значи, ПОСМАТРАЧОТ се разликува од НАДГЛЕДУВАЧОТ, зар не господин Петрески? А тритомниот Речник не е единствениот сведок за постоењето на зборот ПОСМАТРА. Пребарајте во вашата библиотека и најдете го Правописниот речник издаден во 1979. година. Ќе го пронајдете овој збор и таму, на страница 450. Во 1999. година Кирил Конески издаде нов Правописен речник (со мали измени и дополнувања). Верувајте ми господин Петрески и таму ќе го најдете глаголот ПОСМАТРА на 335. страница. Во Речникот на Зозе Мургоски на 597. страница ќе најдете повеќе објаснувања и за глаголот ПОСМАТРА и за глаголската именка ПОСМАТРАЊЕ и за именката ПОСМАТРАЧ.

Еве уште еден податок господин Петрески. Не само за вас, можеби има и други што мислат така. Во третата книга ,,Јазикот наш денешен,, од Благоја Корубин (страница 247) пишува нешто во врска со суфиксите на некои именки, дека постои некакво двојство: ПОНИЖУВАЊЕ – ПОНИЖЕНИЕ, ВООРУЖУВАЊЕ – ВООРУЖЕНИЕ, НАБЉУДУВАЊЕ – НАБЉУДЕНИЕ и слично. Објаснува тој дека во најголем број случаи правилно е и треба да преовладува наставката – ЊЕ: НАБЉУДУВАЊЕ (не набљудение). Но, ете, тој не заборава да го каже и тоа дека почесто се употребува ПОСМАТРАЊЕ, а не НАБЉУДУВАЊЕ.

И еве, го ПОСМАТРАМЕ повторно вашиов напис и се прашуваме како да завршиме. Можеби е убаво да го земеме вашиот пример. Оној со лекарот – ,,Не гледај што правам јас, слушај што ти кажувам,,. Ние ја знаеме онаа за попот. Има повеќе такви. А онаа ваша реченица за лекарот може малку и да се видоизмени – ,,Не слушај што кажувам, бидејќи не знам што зборувам,,.

А што се однесува до политичарите, ние ќе ги критикуваме и нив и сите оние што се истапаниле на високи места, а не си го знаат својот јазик.

Ајде, здрави – живи и добра мисла!

Благоја Ивчески

Loading