МИЛИОН ЕВРА ЗА СТАДИОНОТ “ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ”

Фудбал: Наскоро реализација на големиот проект

– Се очекува поставување нови 5 000 седишта и рефлектори

Proektot za noviot izgled gradskiot stadion Goce DelcevНајавената голема реконструкција на градскиот стадион “Гоце Делчев” е пред реализација. По аплицирањето за проектот од страна на ФФМ со ОФС и Општина Прилеп до УЕФА, најновата информација е дека се обезбедени финансиски средства, така што работите наскоро можат да стартуваат.

– Добиваме милион евра. Успешно резултираа нашите заложби, заедно со градоначалникот Марјан Ристески – вели Марјан Стојкоски – Манта, член на УО на ФФМ.

Според развојната програма “Хет-трик”, предвидена е само реконструкција на стадиони, кои се во сопственост на Општината. Прилепскиот стадион е еден од петте во државава кои го исполнуваат тој услов, така што на овој начин и Прилеп е учесник во проектот.  Според замислата, да се заокружи објектот во целина, извесно е дека ќе биде изградена трибина со најмалку 5000 седишта, рефлектори и инфраструктурно уредување на подтрибинскиот простор, односно соблекувалните и просториите за службените лица да бидат направени според критериумите на УЕФА.

– Фудбалски Прилеп го заслужува ова. Мошне сме задоволни. Лани обезбедивме 800 илјади евра за помошното игралиште со вештачка трева, така што битно се подобрува инфраструктурната слика во градот – смета Стојкоски.

Последната голема фудбалска инвестиција беше пред 10 години, кога се изгради северната трибина со над 2000 седишта, управната зграда со соблекувалните на стадионот “Гоце Делчев”.

СТАТИВИ НА ЗООЛОШКА

Помошното игралиште кај некогашната Зоолошка изгледа фантастично по поставувањето на зелената вештачка подлога. Рамно е како тепих. Обележано е според пропишаните димензии. Уште да се постават головите за да се отворат вратите за екипите.

Во втората фаза, предвидени се соблекувални и мала трибина. 

Loading