КРАЛИ МАРКО – МАРКО КРАЛЕ

Се случува, низ годините, низ времето, некои зборови, од разни причини да се видоизменуваат и да добиваат нови форми. Честопати тие нови форми стануваат норма. Но, има и случаи кога таквите, новодобиени форми се нелогични, неточни, а луѓето сепак ги употребуваат по инерција.

Одамна сме размислувале за името на легендарниот јунак Марко. Некогаш си беше МАРКО КРАЛЕ или КРАЛЕ МАРКО, а сега стана КРАЛИ МАРКО. Никако не можеме да си објасниме зошто е тоа така и зошто Марко Крале е прекрстен во Крали Марко. Патот по кој е добиена формата КРАЛЕ е веројатно вокативната форма од именката КРАЛ, која гласи КРАЛЕ. На пример, во Прилеп именката Наум, би ја употребиле како НАУМЕ само кога го довикуваме НАУМА – “НАУМЕ, дојди ваму”. Но, во охридско, во ресенско и во други места НАУМЕ го изгубила вокативното значење и тие, едноставно човекот со тоа име си го викаат НАУМЕ. Постои и пиеса од Р. Богданоски – “Фарса за храбриот НАУМЕ”. Именката ПЕТРЕ е само вокативна форма од ПЕТАР, но сите ние си го викаме ПЕТРЕ. Тука некаде е патот по кој е дојдена именката КРАЛЕ како вокативна форма од КРАЛ, но веќе го загубила вокативното, повикувачко значење и си станала обична именка, составен дел на името.

Ќе го подкрепиме ова со определени факти. Ќе приведеме наслови на неколку приказни од Марко Цепенков кои се однесуваат на Марко Крале: “Марко Крале и Кузман Капидан”, “Трите камења од Марка Кралета”, “Црквата Свети Спас и Марко Крале во Софија”. Еве еден наслов и од народна песна што ја забележал Цепенков – “Крале Марко, Јанкула и Секула детенце”. И покрај ваквите наслови, во текстот Цепенков употребува, на многу места МАРКО КРАЛЕВИЌЕ. Има дури и наслов – “Предание за Марко Кралевиќ и Секула детенце”. А во самиот текст и во приказните и во песните се спомнува и Марко Крале и Марко Кралевиќе. Но, никаде не е употребено името КРАЛИ МАРКО.

Да се преселиме во поново време. Блаже Конески во својата збирка песни има посебно поглавје кое гласи – МАРКО КРАЛЕ. Во Блажевата песна “Одземање на силата”, како мото е цитирана една народна легенда. Еве дел од неа: “Преправен на питач Господ го пречека Марка Кралета крај патот”. И во други песни Конески го користи името Марко Крале. И не само тоа. Тој во својата книга “Јазични теми” објаснува дека името Марко е често употребувано во народните песни, а во заграда појаснува дека тоа се однесува за МАРКО КРАЛЕ. Сметаме дека Марко Цепенков и Блаже Конески се најштедрите извори од каде што треба да црпиме. А никаде во тие извори не го сретнавме името КРАЛИ МАРКО. Насекаде е КРАЛЕ МАРКО или МАРКО КРАЛЕ.

Чудно е како е дојдено до тоа име. Па сега дури и едно пиво го носи името “Крали Марко”, а постои и манифестација – “Денови на Крали Марко”.

Пред подолго време пишувавме како и зошто е дојдено до името КРУШЕВО. Тоа било и треба да си биде КРУШОВО и никако поинаку. Го браневме ова тврдење со убедливи факти. Цитиравме текстови и од постаро и од поново време. А и во Речникот на македонскиот јазик е одбележано како КРУШОВО. Но, ете, некоја невидлива сила упорно го турка напред името КРУШЕВО. На ист начин, некој сакаше и името БУДИMAШ да го помакедончи. Па, од “патриотски” причини ја крстил улицата “Бидимаж”. Ова е направено свесно и секому му е јасно тоа. А со КРУШЕВО и со КРАЛИ МАРКО не е така. Тука “кумот” не е познат.

За КРАЛЕ МАРКО е пишувано многу во народната поезија. Не само во македонската, туку и во поезијата на соседните држави. Марко е историска личност. За него има конкретни податоци. Но, она што е напишано за него во народното творештво ги надминува границите на реалноста. Тој е регистриран во меморијата како човек со убави, дури и со натчовечки особини. Тој е правдољубив, силен, бесстрашен, непобедлив. Таков е тој МАРКО КРАЛЕ, а не КРАЛИ МАРКО.

Сме чуле дека во Прилеп ќе му се гради величествен споменик да веруваме дека на постаментот нема да пишува КРАЛИ МАРКО.

Благоја Ивчески

Loading