ПОБЕДА МЕЃУ ОСУМТЕ НАЈДОБРИ ВО ЈУГОСЛАВИЈА

Фудбал: Одбележуваме 50 години од најголемиот успех

– Незаборавна е победата над Вележ во Мостар 1964

Nerazdelni klupski drugari - Damjanoski, Mitrikeski i GarbeskiНавршуваат 50 години од најголемиот успех на Победа, пласманот меѓу осумте во Купот на некогашна Југославија. По низата победи, на 22 април 1964 во Мостар е совладан Вележ со 3-4, со два гола на Т. Јакимоски, по еден на Б. Ангелески и Ж. Ѓорѓиоски. Прилепскиот тим беше единствен македонски претставник во друштво на Ц. Звезда, Пролетер, Н. Сад, Олимпија, Партизан, Будуќност и Динамо.

– Мостарците ги викаа “родени”, како родени за фудбал. Ние бевме позитивни. Не кренавме раце да се предаваме. Дадовме над можностите. Беа опасни по крилата, но сум задоволен како одбранив. Немаше слабо место во тимот. По мечот ни рекоа “Вие сте за Прва лига” – се сеќава Круме Митрикески, голманот.

Мечот е со пресврти. Поведуваат домашните преку Барбариќ, израмнува Јакимоски, возвраќа Шариќ, пак на сцена Јакимоски, по него Ангелески, третпат израмнување со Ханџиќ, а победата е во 75. минута со Ѓорѓиоски. Кога загрепскиот судија Стрмечки отсвирува крај, домашните меѓу себе се караат, а после честитаат на победниците.

Istoriska fotografija - mecot so Dinamo– Големата радост ја заслуживме со добра игра. Бевме потценети. Тренерот, професор Илија Игнатоски, советуваше да не се чувствуваме така. Секој може да победи во фудбалот. По успехот доживеавме прекрасен пречек во Прилеп, во градот кој живееше за фудбал – вели Борис Дамјаноски, десен халф.

Славниот Вележ потклекнува пред 12 прилепски јунаци: Митрикески – Гарбески, Ж. Нешкоски, Ангелески, Анески, М. Крстески – К. Атанасоски, Дамјаноски (46. Г. Лашкоски), Јакимоски, Велкоски, Ж. Ѓорѓиоски. Тремата исчезнува кога по 20 минути гледаат дека се рамни на домаќинот.

– На полувреме тренерот вели “Нападнете, не само да се браните”. Нî убеди дека можеме. Бргу дадовме гол, добивме крилја. Репрезентативниот голман Ќурковиќ се растури од бранење, а му дадовме четири гола. Митрикески излезе подобар. Кога се вративме, само се преслековме и правец Отешево, на подготовки за Динамо – се сеќава Иван Гарбески, десен бек.

Пред 15. 000 гледачи

Успехот во Мостар го донесе Динамо. Покрај резултатот 0-5, се паметат 15 илјади гледачи. Од сите страни реки народ се слеаа кон стадионот. Од тогаш е традицијата со душа да се чека денот на мечот, како празник. Навивачите се дотеруваа како за свеченост во Прилеп.

Драги Башески

Успех со сопствени сили

– Значајните работи во животот и во спортот не се забораваат. Во Мостар, Победа имаше силен тим. Иако аутсајдер, даде сé од себе да се докаже. И успеа. Сензацијата одекна низ Југославија. Подвигот беше со свои, прилепски фудбалери – смета Драги Башески, новинар. 

Loading