ЛОКАЛИЗМИ

ivce1Многу локални говори, уште повеќе локални зборови. Постојат многу локални зборови различни според формата, а исти според значењето. Прилепчани, на пример, многу ги нервира кога ќе го слушнат од скопските телевизии зборот ИСКАЧА (искачаме). Ќе приведеме и некои други такви примери. Овојпат ќе го правиме тоа преку фудбалските игралишта. Кога беше  “Победа” силен тим, имаше многу навивачи. И ние лично бевме во таа бројка. Ајде, нека ни биде допуштено да навлеземе малку и во фудбалската историја. При крајот на педесеттите години од минатиот век “Победа” првпат влезе во Втората сојузна лига (југословенска). Еве ќе го споменеме и (според нас) најсилниот состав на сите времиња: Хаџивасилев, Анески, Бошкоски, Игнатоски, Димоски, Крстески, Атанасоски, Лашкоски, Малинков, Цветковиќ и Јакимоски. Во тоа време не само натпреварите, туку ги следевме и тренинзите. Се сеќаваме на уигрувањето на некои варијанти. Еве еден пример! Еден играч центрира од позиција на скратен корнер, а голманот треба да излегува, да истрчува и да боксува. Во таквата ситуација, тренерот (обично Србин) вика по голманот – “ИЗЛАЗИ, ИСТРЧАВАЈ”. Со голманите често работеа и наши, домашни тренери. Тие пак викаа – “ИЗЛЕГУВАЈ” или “ИСТРЧУВАЈ”.

Во тој квалитетен тим на “Победа” беше земен како засилување центар-форот Блажо Малинков од Кавадарци. Се игра тренинг – натпревар. На голот на “Победа”, легендариот Благоја Келтаноски, иако веќе на крајот од кариерата. Еден противнички играч се доближува до шеснаесетникот, а Малинков вика по голманот: “Келтан, ИСПАЃАЈ сега, ИСПАЃАЈ”. Му сугерира да истрчува, да излегува и да стигне пред противничкиот играч.

На еден друг натпревар (првенствен), ако не не лаже меморијата, “Победа” играше со “Работнички” од Скопје. Голман на “Работнички” најверојатно ќе беше Чочков. Еден играч на “Победа” втрчува во противничката половина, а Чочков стои на гол – линијата. Еден негов соиграч, речиси од средина, вика по Чочков колку што го држи грлото – “ИСКАЧАЈ, ИСКАЧАЈ”. Овој збор на голем дел од прилепската публика малку или воопшто не им беше познат. Тоа предизвика смеа. Потоа, тој истиот играч, штом ќе ја примеше топката, една група млади луѓе вика, скандира – “ИСКАЧАЈ, ИСКАЧАЈ, ИСКАЧАЈ”. Така, публиката почна да се забавува.

Во едно друго време “Победа” гостуваше во Кочани. Требаше да игра со “Осогово”. Патувавме во Кочани да го следиме натпреварот. Важен беше. “Победа” се бореше за прво место во тогашната Македонска лига, а “Осогово” се бореше за опстанок. Натпреварот решавачки. Судија – Стојан Илиевски. Не си помина баш најубаво. Центар-фор на “Осогово” – Ангелов. Кочанчанец кој долго време играше во “Победа” и при крајот на кариерата се врати во “Осогово”. На тој натпревар Ангелов требаше да биде најопасен за голот на “Победа”. Центар-халф на “Победа” – Лазар Петрески. Задолжен да го чува Ангелов. Двајцата корпулентни. Се потчукнуваат, се потспрепнуваат и најпосле разменија и неколку удари. Судијата и на двајцата им додели црвен картон. Ангелов излезе веднаш, а Петрески се влечка полека. Сака да спечали некоја минута зашто резултатот беше во полза на “Победа”. На трибината каде што седевме скокна еден корпулентен, млад човек и вика по Петрески: “ИЗЛАВАЈ, ИЗЛАВАЈ, ИЗЛАВАЈ побрзо бе, мајката… (следуваа пцости)”.

Еве вака, шетајќи низ времето и низ фудбалските терени ги забележавме овие зборови ИЗЛЕГУВАЈ, ИСТРЧУВАЈ, ИСПАЃАЈ, ИСКАЧАЈ и ИЗЛАВАЈ. Сите имаат исто значење, а формата им е различна. Каде е точното? ИСТРЧУВАЈ или ИЗЛЕГУВАЈ (зависно од ситуацијата) влегуваат во литературниот јазик и претставуваат норма. Другите остануваат во рамките на локалните говори.

Кога има потреба и од локалните говори се бараат зборови (или барем некаков корен), кој може да ја задоволи потребата од некој новосоздаден збор што го немаме. Се разбира, тука е можно и мало поддотерување. Едно време, кога имаше сомнеж дека зборот животни НАМИРНИЦИ е српски, Благоја Корубин ја најде основата за тој збор и во нашиот јазик. Ја пронашол реченицата (нам добро позната) во пиесата “Антица” од Ристо Крле, која гласи: “А што била куќа НАМИРЕНА”. Значи, во куќата имало се што е потребно, сите НАМИРНИЦИ.

Рековме, овој случај не е таков. ИЗЛЕГУВА и ИСТРЧУВА си ја вршат својата работа.

Благоја Ивчески

Loading