ЌЕ СЕ ДОСКЛОПУВА МОЗАИКОТ ЗА МАРКОВИ КУЛИ

–  Повторно вреднување на локалитетот и нови истражувања

D-r Branislav Risteski, od Institutot za staroslovenska kulturaЌе се досклопува мозаикот за локалитетот Маркови кули. Заводот и Музеј и Институтот за старословенска култура паралелно  ќе реализираат два проекти. Заводот ќе го ревалоризира локалитетот, со што повторно ќе се вреднува значењето на просторот со сите откриени археолошки градби и локалитети. Првата валоризација била нецелосна во шеесеттите години од минатиот век. Сега ќе се подготвува целосен елаборат, кој е обемна студија за овој споменик на културата, со што целосно ќе биде одреден опфатот на Марковите кули.

Напоредно, археологот д-р Бранислав Ристески од Институтот ќе ги финализира археолошките истражувања од повеќе години, а се дел од поголемиот проект “Доцноантички и средновековни населби во северна Пелагонија, Мариово и Порече”, поддржан од Министерството за образование и наука.

– Системските археолошки истражувања на Марковите кули е дел од обемниот проект од 2003 година. Го поддржа Министерството за култура со годинешната програма, па така ќе ги заокружуваме ревизионите истражувања, односно предурбаната (9-12 век) и урбаната фаза (13-14 век) на средновековниот Прилеп. Практично ќе се финализираат досегашните комплексни проучувања, со што полека, како последно камче ќе се состави мозаикот за Марковите кули. Откриеното ќе се прецизира и ќе се продлабочи. На одредени пунктови ќе се проверуваат сегменти од населбата. Одредени, досега спорни точки, ќе се прецизираат и хронолошки ќе се детерминираат, за конечно да се долови целосната слика за средновековниот Прилеп – објаснува д-р Ристески.

Glavnata porta na Markovite kuliПред неколку години со шведски и македонски средства, како и со поддршка на шведска универзитетска екипа се истражуваа пунктови од Марковите кули. За жал, соработката прекина. Но, добро е што пак државата вложува во доистражување на исклучителниот археолошки локалитет.

– Ќе го заокружиме просторот на Сред кули и Рамниште, каде има наоди од бронзено до доцносредновековно време. Приоритет е  првата протоурбана фаза од 9 до12 век и втората етапа од 12 до 14 век, која претставува типична доцносредновековна населба од градски тип. Марковите кули се едни од најзначајните стратегиски пунктови во централните делови на Балканот, средиште на значаен регион. И во тогашните констелации меѓу Византија, средновековните Србија и Бугарија, Прилеп го зазема централното место. Тие вложувале во инфраструктурата, црквите, тврдините, секој од свој интерес, да ги ефектуираат стратегиските предиспозиции на теренот – додава археологот.

Тој смета дека вреднувањето на Марковите кули како споменик на културата е комплексен зафат и е потребно сите институции да дејствуваат со заедничка енергија и да придонесат локалитетот да го заземе заслуженото место во проучувањето на културната историја на Македонија.

Инаку, целиот биогеографски комплекс зафаќа простор од околу 40 километри квадратни. 

Loading