ПЛИК – ПЛИКОВИ, ПЛИКO – ПЛИКА (ПЛИКОА !?)

ivce1Постои определено колебање за множинската форма кај некои именки од туѓо потекло. Именките БИРО, НИВО, СИЖЕ (и слични на нив) под влијание на српскиот јазик множинската форма порано ја добиваа со наставката – И, БИРОИ, СИЖЕИ, НИВОИ. Се покажа дека тоа е погрешно. Во српскиот јазик овие именки се влезени како да се од машки род и таму, со наставката И се решава проблемот. Кај нас не е така. Ваквите именки во нашиот јазик се влезени како именки од среден род (тоа биро, тоа ниво, тоа сиже). Македонските именки од таков вид завршуваат на А. СЕЛО – СЕЛА, ЧЕЛО – ЧЕЛА. Се дојде до тоа, именките БИРО, НИВО, СИЖЕ и слични да добиваат наставка А, БИРОА, НИВОА, СИЖЕА. Акцентот на овие зборови (биро, ниво, сиже) паѓа на последниот слог. Тие не се наполно адаптирани во нашата морфологија. Гледаме дека во нашава именка СЕЛО, во множинската форма отпаѓа крајниот вокал – О и веднаш се оди на СЕЛА. Додека кај именката БИРО наставката О се додава на целата основа, не се губи вокалот О – БИРОА. Значи, именките се од среден род (не како во српскиот), и добиваат наставка за среден род – А. Рековме, дека не се наполно адаптирани.

Широка е оваа тема. Потребно е поголемо објаснување, но нема да одиме понатаму. Сево ова го пишуваме за да дојдеме до именката ПЛИКОА (погрешно). При извлекувањето на наградите се изнаслушавме на погрешната употреба на оваа именка, како што е  погрешен и насловот “Фискална во рака – награда без мака”, за кое нешто се имаме изјаснето порано. Именките ПЛИК и КОВЕРТ се зарегистрирани во Речникот. Засилената употреба на КОВЕРТ е од поново време. И двете именки не се погрешни. Иако се влезени од друг јазик, имаат фатено длабоки корени и се наполно адаптирани во македонскиот јазик. Сега не интересира – ПЛИК (пликоа). Како што вели Благоја Корубин – “Зборот плик кај нас е во употреба одамна. Тој е особено познат во формата ПЛИКО. Во Речникот не е одбележан”. Точно е и чудно е зошто оваа именка ја нема во Речникот, а во говорот е мошне често застапена. ПЛИК во множинската форма ќе биде ПЛИКОВИ, а ПЛИКО ќе има множина ПЛИКА. Зошто се прави грешка и се вели ПЛИКОА? Негативни реакции слушаме од многу луѓе. Речиси, сите што го гледале извлекувањето на наградите, реагираат и се прашуваат зошто – ПЛИКОА? Грешката не треба да се прави, но ќе се обидеме да го најдеме патот по кој е дојдена. Ги споменавме именките биро, ниво, сиже. Рековме дека тие во множинска форма гласат БИРОА, НИВОА, СИЖЕА. Но, рековме и тоа дека тие и некои други такви, не се сосема адаптирани во македонскиот јазик. Акцентот им паѓа на последниот слог, а при формирањето на множнската форма се задржува целиот збор, останува крајниот вокал О и на него се додава наставката за среден род А – НИВОА. Со ПЛИКОТ или со ПЛИКОТО случајот не е таков. Без разлика на тоа што и таа именка е влезена од туѓ јазик. таа е наполно адаптирана кон македонската морфолошка система. Оваа тенденција за адаптација и асимилација е постојано жива и како резултат на тоа се дошло до таму, освен БИРОА да имаме и БИРА во (множинската форма), од РЕШО – РЕША.

Со именката ПЛИКО, таа адаптација е одамна извршена. Затоа, од таа именка, множинската форма е ПЛИКА, а не ПЛИКОА. Дури и во тој случај кога именката не гласи ПЛИКО, туку ПЛИК, и во таквиот случај избројана множина ќе биде ПЛИКА (двете плика), покрај множината ПЛИКОВИ.

Во некое поодамнешно време истава грешка сме ја слушале од некои актреи во некои емисии. Тогаш си велевме дека, ете, актерите незнаат, а лекторите не им помогнале. Сега го слушаме тоа од повеќе луѓе – новинари, актери и други учесници при извлекувањето на наградите. А како може новинарите да не го знаат тоа?! Како може лекторите да не интервенирале?!

Грешката ја препознаваат и обичните луѓе, кои не се навлезени подлабоко во оваа проблематика.

Не знаат само тие што се должни да знаат дека не треба ПЛИКОА, туку ПЛИКА.

Благоја Ивчески

Loading