ВЕЖБИ ЗА МЕДАЛИ И ЗДРАВЈЕ

Гимнастика: Клуб Партизан Прилеп

– Спортот е превентива за исправање деформитети, зајакнување коски – вели тренерот Валентин Ангелески

Vezba na greda - Mila IgeskaМилина е да се гледа барем тренинг од гимнастиката, преубавиот спорт. Имаат што да покажат и најмалите, од клубот Партизан Прилеп. Во Соколаната тренингот почнува со воведниот дел – загревањето за обликување тело, а потоа се редат вежбите по справи. На душек се учИ – стој на глава и раце, колут напред и назад, партер, ѕвезда, а девојчињата завршуваат со греда. Обуката не е само за медали, туку и за здравје. Оваа теза ја истакнува тренерот, некогашниот јуниорски репрезентативец на Југославија, Валентин Ангелески.

– Постоеше стравот дека тој што вежба гимнастика ќе остане мал по раст. Сега тоа е надминато, како невистина. Овој спорт е превентива. Со време се исправаат деформитетите и се зајакнуваат коските. Подготвувам 20 деца од 6 – 10 години. Само најспремните  четири се натпреваруваат во Б лигата. Тоа се Мила Игеска, Марко Стојаноски, Марија и Петар Самарџиоски – вели Ангелески.

Обуката на децата е најмалку две до четири години. Зависи од талентот, редовноста, трудољубовоста и упорноста на тренинзите. Се почнува  со игри, блиски на гимнастичките, поврзани со еластичноста. Прва справа е партерот, каде се стекнува координација. Да знае гимнастичарот да се справи со својата тежина и со земјината тежа. Да знае кога се превртува во воздухот каде е и што прави во секој миг. Затоа кај најизвежбаните, како нозете да се лепат за гредата.

Stoj na glava za visoka ocenka– Што повеќе се трудиш, подобро совладуваш елементи. Досега човек не се родил да научи од еднаш – двапати. Во Бугарија им даваат задача, двојно салто да извежбаат по 200 пати. Тоа е половина тренинг, но затоа се меѓу најдобрите. Повторувањето е мајка на знаењето и тоа го практикуваме во клубов – истакнува Ангелески.

Кога привршуваше тренингот, на излезот од салата се собираа родители, баби и дедовци да ги земат децата. Изгледаше дека децата како да сакаат уште вежби. Којзнае кога ќе престанат ако тренерот не означи крај по час иполовина, колку трае терминот во малата сала КГС Партизан.

Транспортен работник

Дека тренерската работа не е оддалеку едноставна и лесна, пример е гимнастиката. Тренерот внимава на секое дете, го задржува на справите, го поткрева и спушта. Така стотици пати дневно. Пресметано колку крева тежина, може да се токми со транспортен работник.

Loading