ДОБАР ЗАЛЕТ НА ПОБЕДА

Фудбал

Одлично тргна пролетва Победа. Во првите две кола освоени се четири бода, на гости во дербито со Скопје 0-0, “дома” во Битола со солидната Локомотива 3-1, со головите на Ф. Мирчески од пенал, Ацески и Зојчески. Добар залет за повисок пласман. Во клубот покрај задоволство, нема непотребна еуфорија и сугерираат дека има уште многу да се игра. Приоритет е опстанокот, пласманот до шестото место, каде и сега се наоѓа на табелата, со 27 бода. Тренерот Јане Николоски го подготви тимот за утрешното гостување кај четвртото Миравци, кое есеноска со 0-2 победи во Прилеп.

Младиот тим на 11 Октомври се држеше до исклучувањето на Спиркоски, а потоа загуби 4-0 од Силекс во Кратово. В сабота (14 ч.) е тежок меч на Могила, со вториот Тетекс.

РЕФРЕШИРАЊЕ НА СОСТАВОТ ВО ФФМ

Во големата сала на Општината, се одржа Изборното собрание на ОФС во присуство на пратениците, гостинот од ФФМ, Златко Талевски и 48 делегати. Тие со акламација го изгласаа за делегат во Собранието на ФФМ сограѓанинот на местото од Марјан Стојкоски, кој стана член на фудбалската влада – УО. Заменик е советникот за спорт, Александар Јовески. На нив и соработниците останува стратегијата за развој на прилепскиот фудбал.

Гостинот Златко Талевски се обрати со пофални зборови за досегашната работа на ОФС, единствен во земјата со два ранга натпреварувања на 21 екипа. Најдобар сојуз е и поради активностите на планот на инфраструктурата. Во финална фаза влегува помошно игралиште со вештачка подлога кај Зоолошката. Градските клубови и школи со нетрпение го чекаат првиот терен од ваков вид, по стандарди на УЕФА.

Во ОФС гледаат на долги патеки и се што се прави ќе има ефект во иднината. Преку зголемен број клубови и подобрени услови за тренинзи и натпревари, фудбалот како порано станува приоритетен спорт во градов. Така, може да се очекува исполнување на желбата од навивачите по две – три години пауза пак да има прволигаш од Прилеп.

Loading