Писателот Петар Петрески со краткиот расказ “Инфекција” е застапен во списанието за книжевност, уметност и културни проблеми “Можности” издадено од ИК “Книжевен круг” од Сплит, Хрватска. Нашиот автор е во друштво на повеќе познати македонски писатели, чии творби се објавени во рубриката “Современ македонски краток расказ”.
– Објавувањето на расказот е голема сатисфакција, бидејќи станува збор за реномирано хрватско списание, кое ме поредува во друштво со најпознатите македонски писатели. Поттик е да творам во овој специфичен жанр – вели Петрески.
Расказот “Инфекција” се осврнува на современите состојби на човекот, оттуѓувањето, самотијата и општествената маргинализација на единката.
Писателот Петрески откри за Зенит дека пишува нов драмски текст – комедија, кој наскоро треба да излезе од печат.
Инаку, досега е автор на две збирки поезија, збирка раскази, приредувач е на два избора – “На македонска љубовна еротска поезија” и на “Македонскиот урбан расказ”, како и на драмите “На трета мајка” и “Песијазол”.