ЌЕ СЕ СНИМА ФИЛМ И ЦД ЗА ПРАЗНИКОТ ВОДИЦИ

Институт за старословенска култура

“Водичарките од Беранци”,  во општината Могила, е проектот на кој работи етнолошки тим од Институт за старословенска култура.

Според нив се заштитува културното наследство, во категоријата значење, поткатегоријата големо значење, заради неговата културно – национална вредност.

– Освен што е во добро зачувана автентична форма и се пренесува од генерација на генерација, во континуитет, со децении има свои локални, единствени обележја – велат етнолозите, потенцирајќи дека за разлика од другите краеви, каде како главни носители на Машки Водици се мажите (Водичари), а на женските, жените (Водичарки, Водарки), овде главни и на двата празника се седум до девет Водичарки.

Карактеристично е што водичарките се и главни носители на пролетниот празник Цветници/Винопиец, кога се пеат водичарските песни и се свети вино.

– Водичарките се облечени во комплетна празнична народна носија од почетокот до средината на 20 век, а репертоарот на песните е богат. Се пеат над 20 песни со различна содржина и се изведува едно, водичарско оро – потенцираат етнолозите .

Предвидено е да се снима видеорекламен спот кој ќе трае три минути, кој ќе се дистрибуира по електронските медиуми и ќе се постира на веб страници. Ќе се издава ЦД со репертоарот на водичарските песни. За одржување на адетот ќе се подготви сценографија, во која ќе биде вклучена изворната вокална и орска традиција на културното добро за учество на културни манифестации каде што се презентира животното наследство во земјата и странство. Ќе се набават и изработат делови од облеката на Водичарките ,како опинци, шамии, накит…

Во проектор се вклучени стручните работници м-р Орданче Петров, Анита Ѓоргоска и Горан Василески.

Loading