МОЛАМ И ЗНАМ НЕ Е ИСТО

Одамнешно време. Разговараме со двајца новинари (новинар и новинарка). Укажуваме на некоја грешка од новинарката. Не си спомнуваме за која грешка стануваше збор, но точно е дека беше очигледна и голема. Новинарката се возбудува. И се активира суетата. Дрско одговара: “Јас така МИСЛАМ и точка”. Новинарот, сакајќи малку да ја омекне атмосферата, вели:

– Признавам дека не сум некој експерт за јазикот, но решението што го предлагате ми личи на бугарско.

– А знаете ли вие бугарски? – прашуваме.

– Не, – одговара новинарот.

– Е, па како ви личи тогаш на бугарски?

– Не знам, ама така МИСЛАМ.

Во поблиско време, разговараме со новинарка за зборот КУПАТИЛО. Се согласуваме дека тој збор не е македонски.

– Затоа, – вели новинарката, – јас секогаш си го употребувам зборот КУПАТИЛО.

– Тоа исто така е грешка, – забележуваме. – Во српскиот јазик постои глагол чија инфининтивна форма гласи КУПАТИ (се). Оттука тие си формирале именка КУПАТИЛО. Ние немаме глагол КАПАТИ (се) па да образуваме именка КАПАТИЛО. Кај нас, од глаголот КАПЕ (се) би требало да се добие именка КАПАЛНИК. Како што е од МИЕ – МИЈАЛНИК, од ПЕРЕ – ПЕРАЛНИК (котел пералник) и така натаму. Но, тоа требало да се реши навреме. Сега увото тешко ќе го прифати зборот КАПАЛНИК и ако тој е најточниот. Затоа, кај нас таа просторија се вика БАЊА. Таму се бањаме, нели?

– Јас не си го менувам мислењето, – вели новинарката. – МИСЛАМ дека КАПАТИЛО си е во ред.

Така мисли таа. Така мислел и човекот што ги пишувал написите на вратите во Инфективното одделение во болницата. Тој, наместо БАЊА, напишал КАПАТИЛО.

Се враќаме на еден разговор што го водевме сега скоро со двајца новинари. Стануваше збор за членувањето на прекарите од некои луѓе, односно, целосното членување. Ќе приведеме неколку зборови кои можат да претставуваат или веќе претставуваат прекари – КУСИОТ, ЛАЖОТ, СМОКОТ, КОЊОТ, ПОПОТ и многу други. Ние тврдиме дека тие треба да се пишуваат вака како што се напишани, со целосен член, а не – КУСИО, ЛАЖО, СМОКО, КОЊО, ПОПО. Новинарката вели:

– МИСЛАМ дека при прекарите не е потребно целосното (литературното) членување. Да си остане тоа така како што си го вика народот – ЛАЖО, СМОКО, КОЊО, и така натаму.

Има ли право новинарката? Нема! Во сиве овие епизоди што ги набележавме учесниците велат = “ЈАС МИСЛАМ”. Изразот “Секој си има свое мислење“ овде не важи. Различни мислења може да се има во политиката, филозофијата и во многу други области. Но таму, каде што нештата се утврдени со норми, со правила, со определени законитости, не може така. Не може – “Јас мислам дека два и два се пет“. Случајот со членувањето на прекарите е таков. Еве, ние лично, нема да речеме “Јас мислам” туку ќе се послужиме со граматиката на Блаже Конески. Тој вели: “Ако е една општа именка употребена за прекар, таа се членува – Ордан ПИПЕРКАТА, Лазо МУКАВАТА, Ристо ЛАЖОТ”. Тој набележува и неколку примери кога за прекар се земени придавки – Петре КУСИОТ, Борка ЛЕВАТА. Значи, Конески не вели Ристе ЛАЖО или Петре КУСИО, туку тие се напишани со целосен член – ЛАЖОТ, КУСИОТ.

Кога зборува Б. Конески за централните говори кои се земени како основа за литературниот јазик, вели дека не постои некој говор кој ги задоволува во целост потребите на литературниот јазик. Затоа, вели, дека говорот од Порече (Поречие, Поречје, Порече) со некои особености е поблизок до литературниот. Нагласува, дека токму поради членот е така. Во Порече е – ОТ а во прилепскиот говор е – О. Во Порече велат КОЊОТ а во Прилеп би рекле КОЈНО, а тоа не оди.

За ваквите грешки сме пишувале и порано. Сега сакаме да потврдиме само тоа дека неможе секој и за секоја работа да има свое мислење. Таму каде што има норми, правила, неможе “Јас мислам вака – ти мислиш така”. Во ваквите случаи – ИЛИ ЗНАМ ИЛИ НЕЗНАМ.

Благоја Ивчески

Loading