ЌЕФ ОД ТУЃ ИДЕНТИТЕТ

Мина уште една фешта под маски

Ниту врнежливото време не ги испишмани стотиците пирати, пивопијци, илузионисти, тутунари, мајмуни, бубамари, танчерки, дури и баби во “сурати” да продефилираат низ улиците на 14 – тото издание на интернационалниот карневал Прочка 2014 за верскиот празник Велики Поклади. Своевидна атракција беа прилепските касапи, маскирани во традиционалните крзна, кожи, рогови и сурати. Неколку десетици Срби, Бугари и Албанци имаа свои перформанси во маски на неколкучасовната ревија. Гостите изразија воодушевување од “мирисот” на “преправањето”, како што во Прилеп се вика маскирањето.

Спектакл беа деветте баби во носии на своите предци. Тие со песна раскажаа “Седенка” од пред еден век, во која се везе, се ткае, се преде, се пара, се плете…

– Возбудливо и таинствено беше. Луѓето се ведри, насмеани, расположени, кога ќе видат необични креации. Носиме прекрасни импресии и сакаме пак да бидеме гости, давајќи го придонесот во негувањето на вековната традиција, која нé поврзува и не исчезнува – вели Милан Стојановиќ од Србија.

Неколку илјади прилепчани со аплаузи и овации ги поздравуваа учесниците на Карневалот, зашто низ маските и танците се препознаваше вродениот дух за мајтап и курназлак. Како авантура ги преполни срцата со радост неколкучасовното патешествие  со друг идентитет низ имагинарниот свет.  

14-тиот меѓународен карневал Прочка

На булеварот “Гоце Делчев” продефилираа околу 2.000 учесници со поединечни и групни традиционални и современи маски.

Освен од земјава, на карневалот пристигнаа и гости од Врњачка Бања, Нови Сад, Шабац, Перник, како и од Корча.

Стручното жири Гран при наградата годинава ја додели на групната маска “Пиво фест во Прилеп” на учениците од ОУ “Климент Охридски”. Во категоријата најдобра традиционална маска, наградата ја понесе маската “Самовили” на средното училиште “Ѓорче Петров”, а најдобра современа маска е маската “Снежана кралица од Рио” на модното студио Зодијак.

Во категоријата детски маски, најдобра традиционална е маската “Пирати од Карибите” од селото Мажучиште, а најдобра современа е “1000-ти роденден на Прилеп” од ОУ “Гоце Делчев”.

– Прилепскиот карневал се враќа на традиционалните корени, што е и негова главна карактеристика.

Главни беа шегата и мајтапот, вели Ели Милошеска Луческа, етнолог, член на жири комисијата.

Според Милошеска Луческа, годинашниов карневал  се враќа на традициите.

Loading