ПРОСТУВАЊЕ И ЛУДУВАЊЕ НА ПРОЧКА

Тешко дека некој сеќава кога поставила традицијата за преправање (маскирање) на празникот Велики Поклади, или Прочка. Денот е проследен со адети, а најмасовен и најинтересен е карневалот. Според постарите, прв со преправање почнал касапскиот еснаф. Касапите се облекуваат во животински кожи и крзна со рогови и врзани клопотарци околу појасот. Тоа е остаток од паганските верувања, кога се сметало дека со страшниот изглед се бркале злите духови, а касапите си ги чистеле гревовите.

Во 20. век, маскенбалот добива ново значење и нови следбеници. Во интересни костими се маскирале и млади и стари. На фотографијава, сликана пред Втората Светска Војна, се гледа имагинацијата на прилепчани дури и тогаш кога немало модерни фабрички маски. Со свој материјал, труд и креативност успевале да се “престорат” во нешто привлечно и уникатно. Гледаме костур со коса, што треба да ја претставува смртта, поп со долга брада и крст, пират, антички воин со штит и сабја, кловнови и маж престорен во жена.

За Прочка младите бараат прошка од постарите со зборовите “прости ми”, на што постарите одговараат со “простено да ти е од мене и од Бога”. После простувањето се дава и некоја паричка на прочкарот кој моли за прошка.

Трпезата за е богата, за за вечера се собира семејството. На крајот следи адетот на амкање на јајце. Тогаш варено јајце се врзува за стап и се врти околу главите на децата од фамилијата. Детето што ќе успее го гризне јајцето се прогласува за најсреќно следната година и добива награда.

Со крајот на Прочка, празник кој секогаш е во недела, почнуваат Велигденските пости и се смета за предвесник на пролетните празнувања.

Loading