УЧЕНИЧКА МИЛИЦИЈА

Милиционерската/полициската униформа за машките деца беше, и е нешто најомилено што би можеле да го облечат. Таа е симбол на моќ за делење правда, на спречување на прекршители на законот… Тоа е сон на секое дете, па макар тоа било формално и само на еден ден.

На часовите по ОТП (сегашно техничко образование), учителите ќе набавеле една униформа од сообраќаен милиционер и одбирале ученик кој најмногу се истакнувал. На детето преокупирано од радоста дека ќе биде главно на некоја крстосница, не му пречеле долгите ракави и ногавици, широкиот појас, ниту обесената јакна на малите рамења… Битно им било дека зборот ќе биде закон.

После следело избирање на место каде малиот “сообраќаец” ќе контролира возила и ќе дава предност на пешаците. Со свирче и со добро извежбани потези за давање сигнали со рацете и палка, ги тестирал возачите и пешаците за познавањата на возната култура. Понекогаш ќе запрел возач да му укаже на некоја неправилност или да ги види документите. Возачите со задоволство излегувале во пресрет и ветувале дека ќе го почитуваат законот.

Ученик – милицаец било најдрага времена професија. Децата се воодушевувале и го паметеле тој миг цел живот. Некои биле толку заразени со униформата, што го продолжувале образованието во полициското училиште.  

Loading