ЛИСАБОНСКИ БРОНЗИ ЗА ПРИЛЕП

Карате: Две трети места на Европското

– На пиедестал Јованоска, близначките Димоски и Каракашоска

Стонастотен ефект на Европското кадетско – јуниорско првенство од македонските репрезентативки, членки на КК Ронин. Сите четири се накитија со бронзени медали, давајќи придонес кон конечниот пласман на државата за делба на 11. место меѓу 46 земји.

“Бронзена” во ката кај јуниорките до 21 година е Поликсенија Јованоска. Првин со 5-0 растури Гркинка, после со 4-1 мина Французинка, а во полуфиналето е запрена со 2-3 од Турчинка. Судиите имале влијание, нанеле штета на Јованоска, која сепак останала до крајот инспирирана и во борба за третото место со 5-0 совладува Германка.

– Беше прва бронза за Македонија во 40 години постоење на каратето. Голем успех – радосен е Златко Димоски, тренерот.

Очекувањата ги оправдува младиот, но веќе прочуен ката тим со атрактивните близначки Маријана и Мишела Димоски, со Искра Каракашоска. Не ги спречи лошата ждрепка, кога за ривал го добија домаќинот, Португалија. Целата сала навивала, а надвор од нормите и спикерот се занел со бодрење на своите. Ништо не помогнало, разликата ја признале судиите со 5-0 за Македонија. Во следниот меч пак фаворит за медал, Турција. До финишот сî било на наша страна, но третата девојка направила дебаланс, пресудно за пораз од 1-4. Шанса уште постоеше во репесаж, каде со 5-0 е совладана Германија и освоена “бронза”.

– Изведоа совршена ката и страсно бункаи покажување на техниките со акробатски скокови. Ги воодушевија судиите и публиката од каде одекна силен аплауз – вели Димоски.

Маријана Димоска имаше шанса за втор медал, поединечно во кадетки ката, по победите над Украинка, Хрватка и Французинка, а по поразите од Шпанка и Италијанка, е петта на Европското.

КАЈ ЃОРЃЕ ИВАНОВ

Остварено ветување

Пред поаѓањето кон Португалија, каратистките имаа прием кај претседателот Ѓорѓе Иванов, кому му ветиле медал. Доста беа петти места, време е за искачување на пиедесталот. Ветеното е остварено не со еден, туку со два медала од прилепчанките.

Loading