“КРИТОН” НА 1200 СТРАНИЦИ ОД НАШИОТ ДАНИЕЛ МЕЛВИЛ

Во вторник в Библиотека ЗЕНИТ промовира

Во вторник,18 февруари од 12 часот ќе се промовира новото дело на нашиот сограѓанин, писателот Даниел Мелвил, романот Критон на 1200 страници во издание на нашиот неделник.

Романот, посветен на Џорџ Орвел, ќе го промовира писателот Бранко Цветкоски.

– “Критон” е роман во пет дела. Не се однесува на некоја строго определена држава или народ. Истото важи и за имињата во него: ни во каков случај тие не треба да бидат разбрани како намера преку нив да се цели кон определен народ или држава, нити пак кон лица кои постоеле или постојат. Покрај забавниот дел, книгата содржи и други планови врз кои може да се читаат и, на еден од нив фигурираат прашања за сегашноста и иднината на човештвото од типот на она кое постои на планетата Земја – вели авторот.

Мелвил првите чекори во творештвото ги направил во литературната секција во гимназијата “Мирче Ацев”, подоцна да биде дел од списанието “Стремеж”. На 19 години заминал од Македонија, продолжувајќи со книжевност и насочувајќи се кон преведувачката дејност. Ги превел романот “Тајната на жолтата соба” од Гастон Л ‘ Ру од француски на македонски јазик, романот “Пасквелија” од Живко Чинго од македонски на француски, некои поеми од руски на македонски и на француски, како и неколку раскази од Филип Давид од српски на француски јазик.

Ја објавил стихозбирката “Зрело жито”, а преку неделникот Зенит виделина видоа  романот “Стравови” и книгите “Македонска рапсодија” и “Реквием за едно човештво”. Голема помош Мелвил при творењето има од сопругата Даниела.

Loading