НЕЈАСНА ИДНИНА ЗА СПОРТОТ БРОЈ 2

Ракомет: Според актуелните случувања

– Прволигашите тренираат, суперлигашот – не

Тешко се одржува подолго клуб на високо професионално ниво, особено во екипен спорт, каков е ракометот, после фудбалот втор по популарност. Приврзаниците се интересираат што се случува со трите клуба, првенствено во единствениот суперлигаш ЖРК Жито Прилеп. Клубот остави печат минатите години, настапуваше во Европа и затоа очекувањата се најголеми. Зимава активностите спласнуваат, одморот трае долго и нема подготовки на Пеце Велјаноски. Нема одговори за причините. Има само шпекулации дека тренинзи ќе имало подоцна месецов, со оглед на пролонгираниот пролетен првенствен старт.

Од друга страна, според планот течат подготовките на прволигашот ЖРК Таста 107 на Петар Кузманоски, Бети Филипоска и Даниела Воиновиќ – Талеска. Кондицискиот дел е реализиран во СОУ “Р. Р. Ричко”, на Могила и во фитнес сала. Иако клубот е аматерски, тренинзите се на завидно ниво, полни со ентузијазам и ведра атмосфера. Ова докажува дека максималната посветеност дава ефект и ги надминува проблемите. Рака под рака се дисциплината и редовноста. Кон тимот се приклучуваат студентките од Скопје, Сталеска, Трајкоска, Јолеска и Данаиловска, залечените Јорданоска и Митревска. Играчкиот кадар го краси младоста од 16-17 годишни. Успех е што најмладата, 13. годишната С. Филипоска е во составот на пионерската репрезентација на Македонија.

Првенството продолжува кон крајот на март.

Трета недела подготовки има и машкиот прволигаш, РК Прилеп. Тренинзите од салата во СОУ “Р. Р. Ричко” под водство на Орде Илиески продолжија во фитнес сала. Присуствуваат 16-17 првотимци. Предвидена е серија пријателски мечеви, максимална подготовка за сигурен пат кон Супер лигата.

Loading