УМЕТНОСТ ПРЕКУ МОДЕРНИ ОБЈЕКТИ

Стојан Дурланов, графичар

“Она што сакам да го пренесам во делата е она што го чувствувам, она што го гледам околу. Преку реалноста ја прикажувам иднината”.

Ова го вели графичарот Стојан Дурланов, кој учествува на 15. манифестација “Зимски салон” во Скопје, како единствен претставник од градов.

Вели дека е радосен што го претставува градот меѓу селектирани дела од 37 други автори од Македонија, Турција, Бугарија, Косово, Србија, БиХ, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Австрија…

– Изложбата е насловена “Тело што помни”, а моето дело е “Иднина”. Сакав модерните материјали да ги вклопам во објектот, оти ми се предизвик – вели  графичарот.

Младиот уметник е доста застапен на повеќе изложби во Скопје. Учествуваше на графичката изложба. Се претстави на годишната на членовите на ДЛУМ.

Тој твори во сегашноста, ама ја пренесува иднината преку делата. Го привлекуваат модерните технологии, како нано технологијата, вклопувајќи ги во делата.

Предавањата по ликовно во училиштата во долненско му одземаат време, но сепак најдува време за креации за подготовка на првата самостојна  изложба, со која сака да се претстави пред своите сограѓани.

Дурланов има завршено ФЛУ во Скопје, оддел графика -графички дизајн. Учествувал на повеќе колонии, меѓу кои на прилепската, на графика во Македонски Брод, во Пелинце. Се претставил досега на повеќе групни изложби во градот, во Скопје, Македонски Брод. Се опробал и како дизајнер. Автор е на корицата  на книгата “Приказни за тревите и другите приказни” од Живко Грозданоски. 

Loading