ВО СВЕТОТ НА ЖИВОТИНСКИОТ ЕРОС

Ајде малку да се пошегуваме. Да се позанимаваме со еротиката на животните. Никогаш не сме можеле да претпоставиме дека и оваа тема ќе дојде на дневен ред. Но, еве дојде. Рековме да се пошегуваме, но тоа и не е баш некоја шега. Станува збор за определена терминологија која многумина не ја знаат, особено младите.

До максимум сакаме да ја избегнеме можноста овој напис да прозвучи вулгарно. Напротив! Станува збор за терминологија која народот ја создал и ја употребува.

Како се роди идејата за обработка на оваа тема? Во една книшка (нешто како речник) прочитавме еден збор – МРКА (се). Објаснето е дека тоа значи се спарува и се однесува на животните. Точно е тоа. МРКАЊЕ е спарување. Во книшката вели дека тоа се однесува на животни. Но, дали на сите животни? Тоа не натера да размислиме и да се присетиме дека кај животните (домашните) си има посебни зборови, за сите нивни љубовни игри. Младите луѓе малку ги знаат тие термини. Колку се поголеми градовите, толку се помали сознанијата за карактеристиките на животните. МРКАЊЕ, значи  спарување, но не се вели така за сите животни. Тоа се однесува само за овците. А козите? Тие се ПРЧААТ. Зборот е изведен според мажјакот – ПРЧ. Си создале луѓето посебни зборови за сите домашни животни. Им требало тоа. За кравата се вели дека СЕ ВОДИ. Така се вели и за биволиците, но сега тие се реткост, речиси и да ги нема во нашиве простори. Кучињата спаѓаат во помногубројните домашни животни. За кучката се вели дека СЕ ТЕРА. Во понекои места се вели дека кучката се ПЦУКА, а за песот се вели – ПЦОР. Малку  необичен термин се користи кога станува збор за свињите, за маториците. За маторицата се вели дека СЕ БУКА. Коњот кој служи за приплод се вика ПАСТУВ, кобилата кога се спарува велиме дека СЕ ПАСИ.

Горе – долу, ги набројавме сите домашни животни и сите зборови за нивното спарување. Не го споменавме само кутрото магаре. И покрај неговите нагласени “донжуански” способности, ете, за спарувањето на магарињата не се измислил посебен збор. Неправда!

Сиве термини не се само некои локални зборови. Не се ни архаизми или карактеристични за определени дијалекти. Сите се набележани во Речникот на македонскиот јазик. Тоа не ослободува од помислата дека написов ќе има евентуална, вулгарна конотација. Само зборовите ПЦУКАЊЕ и ПЦОР ги нема во Речникот. Само тие се карактеристични за некои локални говори.

Ако веќе ги споменавме термините за животинското спарување, за нивната љубовна игра, да споменеме и како се нарекуваат родилните маки.

Овцата се јагни, се објагнува, раѓа ЈАГНЕ. Козата се кози, се окозува. Раѓа мало козе, кое се вика ЈАРЕ. Кравата се тели, нејзиното малечко е ТЕЛЕ. Кучката се кучи. На сите им е познато дека малечките се КУЧИЊА. Маторицата се праси, се опрасува и раѓа многу мали ПРАСИЊА. Може дури и 12. Кобилата се ждреби. ЖДРЕБЕ се вика новороденчето.

Спомнавме погоре дека само за магарето нема измислено збор за спарувањето. Но, за раѓањето е исправена таа неправда. Магарицата се прли, се опрлува. Тоа малечко и многу симпатично животинче се вика ПРЛЕ. Се потсетивме на еден текст од Блаже Конески кога пишува за прлињата. Вели дека тие се толку убави и мили што не случајно, и на децата, ако се палави им се вели ПРЛЕ ЕДНО. На дете може да му се рече и КУТРЕ и ЈАГНЕ, ама прасе, ждребе и теле тешко ќе се употреби. Освен, во некоја навредлива смисла.

Ете толку за домашните животни. Ова не беше некоја животинска КАМАСУТРА, туку само набројување на термините за нивната љубовна игра.

Големо извинување на сите кои препознале и најмала вулгарност во овој напис.

Благоја Ивчески

Loading