КАНАЛИЗАЦИЈАТА ЌЕ СТАНЕ ЏАМ

Саше Николоски, директор на ЈП “Водовод и канализација”

Првата фаза од реконструкцијата на 23 километри канализационата мрежа со средства од ЕУ се реализира веќе неколку месеци. Проектот “тежок” вкупно 30 милиони евра од кои 85 отсто се од ЕУ, а 15 проценти од буџетот, почна на шест локации. Предвидена е и изградба на пречистителна станица вредна 20 милиони евра. Колку сте задоволни од сработеното досега?

– На 1. ноември почнавме на улиците Тризла, Вера Циривири, Мице Козар, Кеј 19-ти Септември, Кеј 9-ти Септември и Савска, како и на потегот од канализационата мрежа до пречистителната станица каде што ќе се гради.  Работите се одвиваат без поголеми проблеми. Единствено оди потешко враќањето на улиците во првобитната состојба, зашто времето е врнежливо и доаѓа до помали поплаки од граѓаните. Се извинуваме и бараме трпеливост, бидејќи проектот е за наредните 50 години.

На ул. Тризла веќе е заменета фекалната канализација во должина од скоро еден километар, до крстосницата со ул. Белградска и ул. Даме Груев. Кога ќе се тампонира?

– Се изврши поврзувањето на улицата Тризла со ул. Марксова и сега ќе се поврзат куќните приклучоци за кои е извршено тестирањето кое покажа добар квалитет на линиите. Се надеваме дека за 2-3 недели ќе се изврши првото тампонирање, односно враќање во првобитната состојба за граѓаните да не газат по кал. Со проектот Тризла, предвидено е целосно да се асфалтира, но откако ќе заврши спојувањето со ул. Дабнички завој. Ќе се постават рабници, ќе се нивелира и доколку завршиме до септември, ќе биде голем успех. Повеќе од 25 отсто од средствата припаѓаат за овој дел. Првпат ќе има фекална канализација на ул. Дабничка и ул. Дабнички завој со атмосферска.

Паралелно се поставува и колекторскиот систем кој е на голема длабочина од 5 метри?

– Се работи по течението на Дабничка река во должина од 800 метри. На Кеј 9-ти Септември се постави и колекторската линија, покрај типските куќи, до зградите под Касарни која треба да биде завршена за два месеци. Помали проблеми се јавија на ул. Вера Циривири поради потребни инсталации како струја, телефонски кабел. Работите одат поспоро, но се одвиваат. Веќе се сработени околу 300 метри на оваа приоритетна улица. На ул. Савска преку 1000 метри е пуштен главниот колектор. Работата оди добро, и за кус период започнуваме со пуштање на водоводната мрежа од 1500 метри со 50-60 приклучоци. Наредниов месец, Савска ќе биде целосно асфалтирана. На ул. Мице Козар трасирањето добро помина и ќе се надминат евентуалните потешкотии. Најголемите проблеми беа на Кеј 9-ти Септември од старата кафеана Ерик, па нагоре кон ул. Александар Македонски. Тука излегоа проблеми со подземните води и изведувачот ја стопира работата. Потребни се дополнителни решенија и консултации и подготовка на бунарска батерија, што значи испумпување на повеќе вода и забрзување на работата.

Каков е квалитетот на изведените работи? 

– Сé подобро се екипираат изведувачите со текот на проектот. Набавени се повеќе инструменти за тестирање на квалитетот на изведените линии. Располагаме со камера која се спушта во канализацијата и на екран се гледа мрежата. Тоа многу му олеснува на надзорот и нам како ЈП и краен корисник, да внимаваме што се случува на терен.

Локалната самоуправа интензивно работи на авенискиот влез во градов со кружен тек кај мостот Табана? Планирате ли прво да интервенирате во канализациониот систем за да не се копа два пати? 

– Изведувачите ќе ги “земат” улиците Октомвриска, во потегот од кружниот тек кај ОУ “Гоце Делчев” до мостот Табана, да се завршат подземните работи, за да не се поклопат или пак да дојде до застој. За три недели ќе почне изградбата на делницата. Потоа се продолжува со ул. Марксова, со колекторот на ул. Тризла, кој оди на ул. Димо Наредникот кој опфаќа над 25 отсто од средствата. Ќе стартуваме со почетокот на градежната сезона. Остана уште ул. Иво Лола Рибар на излезот каде ЛС ќе работи на реконструкција на влезот кон Битола. Затоа ќе побрзаме таму. Со тоа проектот ќе биде завршен 70 отсто. Ќе остане само поставување на шахтите, нивелирање и враќање во првобитната состојба.

Кога ќе се асфалтираат раскопаните улици?

– Со градежната сезона почнува и асфалтирањето. Приоритет е целосно асфалтирање на улиците кои се доста оштетени. Доколку има потреба, на неколку улици ќе интервенираме со средства од В и К и ЛС, за сите улици да бидат вратени во првобитна состојба. Задоволни сме, иако се работи во зимски услови. Мислам дека проектот ќе биде завршен пред договорениот рок од 18 месеци и една година гарантен период.

Со првата фаза планирана е и градбата на пречистителната станица за која треба да се најде изведувач?

– Со потпишување на договорот ќе се најде фирма за изработка на основниот проект. Во јуни планираме да почне изградбата на пречистителната станица, лоцирана во близина на затворот. Втората фаза од проектот, опфаќа 45 километри секундарна мрежа за која имаме распишано оглас за супервизија. Веќе се поднесени понудите и очекуваме да почнеме со градење на канализацијата со процедура од 6 месеци. Крајот на оваа или почетокот на другата година се очекува старт на втората фаза и да се преклопи со првата, која нема да биде завршена. Нема застој, оти се работи на различни локации.

Онаму каде што нема, поставувате и нова водоводна мрежа или пак атмосферска канализација?

Ќе се заменат вкупно 68 километри. Целиот проект е 30 милиони евра.

Во договор со изведувачите, поставуваме нови водоводни цевки.  На одредени локации канализационата мрежа се поврзува со атмосферската. Нема да се асфалтира додека нема добра атмосферска, канализациона и водоводна мрежа. Каде што мислиме дека е потребно поставуваме и водоводна мрежа. На крајот ќе добиеме асфалтирани улици со подземна инфраструктура, која ќе трае подолг период без да се поправа. Водиме подземен катастар за целата канализациона мрежа.

РЕКОНСТУКЦИЈА НА КАНАЛОТ ПОД КУЛИ

Проблем претставува и немањето на т.н. ободен канал во Тризла?

– Денеска очекуваме делегација од УНДП за увид во месноста кај Маркови Кули, каде што има најмногу проблеми со површинската вода за реализација на заеднички проект. ЛС се јавува како гарант. Проектот е готов и треба да се потпише. Со тоа ќе се намалат поплавите во тој реон.

Loading