САМАРОТ НЕ ГО БОЛИ

Се случуваат понекогаш некои настани кои штом ќе се видат, ќе се чујат или ќе се прочитаат, веднаш предизвикуваат револт. Еве, овојпат, ни се случи такво нешто.

До сега, не ни се имаше укажано можност да го гледаме македоснкиот филм “Трето полувреме”. На први јануари филмот беше прикажан на МТВ, би се рекло, како новогодишен подарок. Сме читале за тој филм и позитивни и не многу позитивни искажувања. Општо познато е дека од бугарска страна имаше доста жестоки реакции за некои толкувања во филмот. Со нетрпение чекавме да дојде 17,30 часот. Почна филмот. Не можевме и да претпоставиме дека за брзо време ќе биде предизвикан револтот, да не речеме дури и гневот. За естетските вредности на филмот нема да пишуваме. За тоа ќе се искажат или веќе се искажале стручни и компетентни луѓе. Првото што паѓа в очи и што предизвикува револт е јазикот. Слушавме и еврејски јазик и германски и српски и бугарски, само не слушнавме македонски. Она што требаше да биде македонски јазик, всушност беше скопскиот говор. Се случува застрашувачка и загрижувачка појава. Скопскиот говор, со сите свои недоследности (како и секој локален говор), станува државен јазик.

Во оној дел од филмот каде што се зборува на српски или на бугарски јазик, се гледа дека не се земени некои локални говори. Не се зборува, да речеме, на некои нишки говор и на некој говор од Крџали во Бугарија. Напротив, се зборува на стандарден јазик.

Достагата станува поголема што кога ќе треба да се зборува на македонски, ние слушаме некој нечист скопско – српски говор. Можеби некој ќе рече дека тоа го налага фактот што настаните се случуваат во Скопје. Но, тоа нема никаква оправданост. Дејството може да се случува насекаде, и во Радовиш, и во Гевгелија, и во Прилеп, и во Ресен, но јазикот треба да биде македонски, освен во некои ретки и специфични случаи, кога е неопходно да се користи некој дијалект. Македонскиот филм треба да биде препознаван најмногу според македонскиот јазик. Кај нас тоа е реткост. Ретко, во наш филм ќе чуеме чист јазик. Изгледа дека тој филм ние долго време не ќе можеме да го гледаме. Но, ти Македонијо, сепак, знаеш дека ние сме Македонци. Во филмот се потпевнуваат и некои македонски песни. Зар тоа не беше потврда за нашиот патриотизам? А јазикот? Па, така си збориме ние у Скопје.

Филмот се прикажуваше на први јануари. На втори јануари излеговме в чаршија. Знаевме дека во центарот има направено лизгалиште. Одлично. Но, сега првпат ја видовме онаа убава куќарка до лизгалиштето. На големите стакла, од двете страни напишано – БИЛЕТАРА. Како е можно тоа? Зар не знаат тие луѓе дека во македонскиот  јазик таа именка гласи  БИЛЕТАРНИЦА!? И токму тука, каде што најмногу од посетителите ќе бидат деца, и ќе го читаат тој погрешен збор – БИЛЕТАРА. И, за жал, ќе мислат дека така треба. Тие безрезервно им веруваат на чичковците (или на тетките) што го напишале ова.

Еве го пак револтот. Кај човека, просто се јавува оној детски нагон, да земе камен и да го парчоса тоа стакло со погрешно напишаниот збор. Но, интимниот контролор вели дека тоа не е никакво решение. Со тоа ништо не се постигнува. Тоа би заприлегало на онаа народната: “Кој неможе да удира по магарето, удира по самарот“. И навистина е така. Затоа, на сите вам, ако ви се појави таков детски нагон да земете камен, немојте! Потиснете го детето во себе. Размислете. Заклучокот, самиот ќе ви се наметне. Ќе видите дека онаа куќичка со натписот – БИЛЕТАРА е само самарот. Да, САМО САМАРОТ! А… …!  Ајде доста е!

Благоја Ивчески

Loading