ЕКОЛОГИЈА И ПАРИ ОД ЃУБРЕ

Златко Ристески – директор на ЈКП Комуналец

– Со поставувањето на европски модел, Прилеп е лидер во управување со отпадот во земјава 

– Парк ќе стане депонијата во Алинци

Селекцијата на сметот тргна со еколошките острови?

Прилеп и Комуналец од 2008 година, реализираат примарната селекција на отпадот. До сега се создадени 350 еколошки острови со по три контејнери за селекција на отпад, за ПЕТ и амбалажа од пластика, која може да се рециклира, за сите видови на хартија и за биоразградлив отпад на јавно прометните површини, пред станбените блокови, пред институциите, училиштата и градинките. Инвестицијата е над 18 милиони денари само во делот на примарна селекција од јавно прометни површини. Минативе три години за селекцијата на отпад се набавени и возила за 14 милиони денари.

Големите пластични жолти и зелени канти за домаќинствата имаат функција на примарна селекција?

Прилеп е еден од ретките градови каде се примени и функционира примарната селекција на отпад и во домаќинствата. Во 2012 и 2013 година набавени се 11 илјади корпи за отпадоци и распределени во домаќинствата. Околу 55 проценти од градот е покриен со примарната селекција. Комуналец им распредели на граѓаните со склучување на договори 11 илјади корпи за сува и влажна постапка за селекција на отпад. Овој модел е применет во многу европски градови. За набавка за корпите Комуналец досега инвестира 12,4 милиони денари. За 2014 година, доколку дозволат можностите, би требало да се набават уште 9000 корпи, за сите  домаќинства комплетно да се подготват за селекција на отпадот.

До каде е секундараната селекција на ѓубрето?

Локалната самоуправа и Комуналец изработија проект за секундарна селекција на отпад кој опфаќа изградба на хала со инвестиција од околу 15 милиони денари, за која се чека градежната дозвола. Комуналец, по многу консултации и црпејќи странски искуства, проектира линија за селекција на отпад која опфаќа селекција на сите видови отпад, кои можат да се рециклираат. Линијата е набавена од фирмата Техникс од Хрватска за 12 милиони денари. По пуштањето во употреба и ефектите кои ќе бидат постигнати, ќе се покаже што ќе се надоградува, со што би се постигнало осовременување на селекцијата на отпад. Линија ќе овозможи реселектирање на отпадот таложен со години на депонијата Алинци, по што депонијата ќе се затвори, рекултивира и во целост ќе исчисти животната средина.

Дали вложувањата имаа финансиски ефекти или само еколошки придобивки?

Ова се долгорочни вложувања кои ја оправдуваат инвестицијата, ако го знаеме податокот дека моментно во Прилеп само од примарната селекција се собираат преку 600 тони хартија годишно, 110 тони пластика, најлон околу 37 тони годишно само од јавно прометните површини и дел од домаќинствата, не вклучувајќи ја примарната селекција кај сите граѓани, која, уште ја сметаме за пилот проект и е цел на постојана евалуација. Податоците се само од досегашната примарна селекција на отпад. Реалните предвидувања со воведувањето на линијата за селекција на отпад се дека овие бројки би се зголемиле за трипати и повеќе. Или, во пари во 2010 година сме заработиле 1,7 милиони денари, а во 2013 година се забележува раст на селектираните материјали кои ни донесоа 5 милиони денари. По сите анализи и пресметки со заштедата на гориво, амортизација и др., одделението за селекција на отпад се самофинансира од продажбата на рециклирачките материјали. Или, моментно 40 жители на Прилеп имаат работа во овој оддел.

Ќе се преземе ли инвестициски зафат за секундарна селекција?   

Во тек е постапка за купување на приватно земјиште за изградба на компостара со виза на управниот одбор на Комуналец. Компостарата ќе се гради со сопствени средства во 2014 и 2015 година. Со ова, биоразградливиот отпад ќе се преработува во компост, применлив во земјоделието и овоштарството. На локацијата ќе никнат повеќе содржини за одгледување на ран зеленчук и цвеќарство, а ќе се користи енергијата од сé што не се рециклира. Предвидена е фабрика од помал обем за рециклирање на хартија и фабрика за рециклирање на отпад од градежни материјали (дробилка). Планираме да се прават разни преработки од овој градежен рециклирачки материјал. Вака поставената селекција и преработка на сиот отпад покажува дека процентуално отпадот во Прилеп до 2015 година би се рециклирал некаде од  65 – 70 проценти. Остатокот би се носел во Регионалната депонија, која е предвидена во Пелагонија.

Има ли искуства во светот како нашиот модел за управување со сметот или е оригинален?

Овој модел за управување со отпадот е собиран од искуства од повеќе европски држави кои применувале различни модели за управување со отпад и се покажал дека вака е најисплатливо иако е најтешко за спроведување од аспект на организација кај граѓаните, за стопанството, фирмите, управители со отпад, за општините…

Дали е можно целиот отпад да се преработи?

Комуналец подготвува проект за санитарна депонија од помал обем, ако не профункционира регионалната за брзо време. Тоа е површинско депонирање и со капацитет за остатокот од нерециклирачки отпад со сознание дека годишниот депониран отпад на Прилеп е 30 илјади тони .

Loading