САБОТНО КАФЕ И ЧАЈ ЗА СВЕТА ПЕТКА

Во пресрет на Богојавление

– В недела по фрлањето на светиот крст, во хотелот Сонце ГА ќе се одржи донаторска конференција

 

На иницијатива на угостителите, в сабота ќе се одржи хуманитарната акција “Саботно кафе и чај за Света Петка”. Со секое испиено кафе или чај, прилепчани директно ќе донираат средства и ќе учествуваат во изградбата на црквата Света Петка во Точила, која почна да се гради пред пет години, а планирано е да се изврши првото, односно малото осветување на 8 август.

– Сите угостителски објекти, па и оние на периферијата, се вклучени во акцијата. Парите ќе се внесуваат како дневен промет и од жиро -сметките ќе се донираат на сметката за изградба на црквата. Целта на иницијативниот одбор е црквата прилепчани да ја чувствуваат за своја, за поблиска и да докажеме дека храмовите секогаш ги градел народот. Не е поентата да се најде еден ктитор кому парите не му значат ништо и да изгради храм! Ова е црква на сите прилепчани – вели Мики Ристески од Иницијативниот одбор.

Водици (Богојавление) се празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден, според верувањето, Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Во спомен на Христовото крштевање, воспоставена е традиција на осветување на водите со фрлање на крст, а токму на овој празник години наназад во прилепското архиерејско намесништво се собираат средства и материјали за доизградба на црквата Св. Петка. 

В недела, во 13 часот ќе се одржи уште една донаторска конференција на која фирми, институции и поединци ќе донираат пари и материјали за дозавршување на изградбата. 

– Ги повикувам сите верници, најнапред да присуствуваат на светите богослужби во храмовите, кои ќе започнат во 4 часот наутро, за напладне да се фрли светиот крст во водите во базенот од ресторанот Сонце. Апелирам за масовност и на донаторската конференција. Црквата Св. Петка ја подготвуваме за малото осветување со мал импровизиран иконостас и можност да се внесе во олтарот на светата црква, светиот антимис, с# со цел да можеме во иднина да ја пуштиме во употреба и граѓаните непречено и редовно да ги обавуваат сите потребни богослужбени и обредни активности – вели намесникот Блаже Станкоски.

До малото осветување на храмот, на 8 август се очекува завршување на надворешната фасада, покривање на двете куполи со бакар и покривот со керамди. Внатрешно да се измалтери црквата и да се изгради камбанаријата и партерно да се уреди дворот. За овие активности потребни се уште 4 -5 милиони денари.

Во градбата на Св. Петка се вклучени  и помагаат еснафите, бизнисмените, угостителите, а поддршка дава и Советот на локалната самоуправа кој досега во неколку наврати издвои средства од буџетот.

Околу 20 000 жители од Точила очекуваат да ги изразуваат верските чувства во своја близина. 

Инаку, од првата донаторска конференција до сега, собрани се 160 000 евра, средства и градежни материјали. Првичната проценка за изградба на  црквата со внатрешно подно затоплување, иконостасот од мермер, фрескоживописот, партерното уредување, камбанаријата и зградата за администрација се околу 370 илјади евра. Во моментов има 45 илјади денари на ж-ската. Донации има и од нашинците од Австралија, се одржаа донаторски турнири, концерти, театарски претстави. 

БЕСПЛАТНИ ТОПЛИ ПИЈАЛОЦИ НА ПЛОЧНИК

Секој прилепчанец, в сабота од 10 часот ќе може да се послужи бесплатно со топол напиток на плочникот, а доброволно во кутија ќе може да донира средства. Иницијативата и финансиите се на Игор Стојчески.

– Ќе се служат бесплатно кафе и чај. Акцијата се отвора од десет часот. Не сум угостител, туку работам со обложувалници. Сакам да помогнам во доизградбата на црквата. Доброволно сограѓаните ќе оставаат средства за храмот кој колку може. Повикувам на масовност да го доизградиме храмот кој ќе биде еден од најубавите не само во Прилеп, туку и пошироко – вели Стојчески.

Ќе има штандови со топло вино и ракија, а конзументите нема да плаќаат, туку ќе остават некој денар во кутиите до секој угостителски објект. Голем број од угостителите најавиле организирање турнири во мал фудбал, а прибраните средства да ги донираат на сметката од црквата. 

ПО КРСТОТ И ТРИ ДЕВОЈЧИЊА

Во списокот на оние што ќе се фрлаат по крстот, меѓу 93 пријавени има и три девојчиња.

– Едното е малолетно, родено е 2002 година. Можеби вративме повеќе од пријавените, да ги заштитиме од повреди, зашто просторот е премал за сите кои сакаат да се фрлат по светиот крст. В година ќе направиме некоја селекција за пријавување – вели намесникот Блаже Станкоски.

Крстот ќе се фрла во водите на базенот на хотелот Сонце ГА. Се верува дека оној што ќе го фати, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

ЦРКОВЕН ДВОР ЗА ОДМОР

 

Покрај доминантната црква Света Петка, комплексот ќе содржи, од левата страна камбанарија од 19 метри во истиот стил како црквата, предвиден е да се изгради комплекс на трпезарија за разни намени, меѓу кои и канцеларии. Парцелата е 2500 м2, а црквата е со димензии 22 на 16 м, проектирана во традиционален стил, како црквите од 13 век со две куполи, со два впишани крста. Армирано-бетонската конструкција од надворешната обвивка е обложена со камен во стилот на црквите од византискиот период. Целиот простор хортикултурно ќе биде уреден, а ќе има и две фонтани.

Изградбата на црквата во населбата Точила е посветена на трагичниот настан на Карпалак, кога на 8 август 2001 во заседа на терористите беа убиени 10 воени резервисти од Прилеп. Камен-темелникот и осветувањето беа на 8 август 2008 година. 

Loading