ЛЕР СОЗДАДЕ ПРЕПОЗНАТЛИВО ПОРТФОЛИО

Винета Иваноска – Советник за локален економски развој, прекугранична соработка и евроинтеграции

Што е преокупацијата на одделението за локален економски развој?

Голем дел од активностите на Одделението за локален економски развој (ЛЕР) се насочени кон подготовка и имплементација на проекти. Во континуитет се следат сите повици за доставување на проектни апликации објавени од домашни и странски донатори, како и од министерствата, агенциите и други институции. Посебно внимание се посветува на повиците за користење на средства од фондовите на ЕУ и ИПА програмата достапна за нашата земја.

 

Додека сте кај ЕУ, што може да се донесе во Прилеп за поддршка развојот на локалната економија?

Како земја со кандидатски статус, на Македонија í се на располагање средствата од ЕУ, од претпристапната помош ИПА. ИПА е дел од пакетот за надворешни односи. ИПА и останатите елементи од тој пакет претставуваат голема можност за рационализирање и поедноставување на процедурите на Европската Комисија и подобрување на кохерентноста и координацијата на активностите на Комисијата. Поддршката од ИПА е насочена кон, компонента 1 – транзициска помош и институционална надградба, компонента 2 – прекугранична соработка, компонента 3 – регионален развој, компонента 4 – развој на човечки ресурси и компонента 5 – рурален развој.

Како се стигнува до овие средства?

Подготовката на ЕУ проекти и нивната имплементација бара посебни квалификации и знаења. Процедурите за аплицирање се сложени и обемни, а а имплементацијата се спроведува по стандардите на ЕУ. За успешна подготовка и имплементација, континуирано се развиваат човечките ресурси и капацитети. Лани се објавија два повици за предлог проекти во кои Прилеп имаше можност да аплицира. Се објави третиот повик за компонента 2, за прекугранична соработка со Грција. Имаме апликации за две приоритетни области – унапредување на прекуграничниот економски развој и унапредување на ресурсите на животната средина и културното наследство. Во првата област се опфатени четири мерки, и тоа економски развој, развој на човечките ресурси, промоција на одржлив туризам и заштита на здравјето и живитот на луѓето, а во втората област се опфатени две мерки – промоција и заштита на животната средина и промоција и заштита на културното и историското наследство во прекуграничната област опфатена со повикот. Прилеп аплицираше со три проекти за развојот на туризмот, човечките ресурси и енергетската ефикасност. За подоготовка воспоставивме партнерства со повеќе општини и институции од Грција, како општините Воден, Лерин, Ираклија, Транспортиот институт од Солун и др. Процесот на евалуација е во тек. Наскоро се очекуваат резултатите. За компонента 4 – Развој на човечки ресурси, повикот беше за поттикнување на социјална инклузија. Првпат општините може да учествуваат со свои предлог проекти во оваа компонента. Аплициравме во првата фаза за вклучување на  лица од социјалните категории. Процедурите на евалуација се во тек и се очекуваат резултатите. Годинава се очекуваат нови повици на кои секако ќе учествуваме со наши предлог проекти.

Ова се апликациите. Има ли некои веќе добиени проекти кои се почнати и се во реализација?

Лани почна првата фаза од реконструкцијата на канализационата мрежа и градбата на пречистителната станица од компонентата 3 на ИПА – регионален развој, како најголем инфраструктурен проект. Со средства од ЕУ, лани заврши имплементацијата на проектот План за заедничка прекугранична заштита од пожар – FIRESHIELD, кој се реализираше преку Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Битола. Грчкиа партнери беа Развојната агенција на Лерин и регионот на Западна Македонија. Подобрена е противпожарната заштита во регионот и зајакнати се противпожарните единици. Вредноста беше 295.000  евра.

Имали други извори, фондови во ЕУ, каде Прилеп може да аплицира?     Македонија учествува во програмите на ЕУ, Седмата рамкова програма за истражување, Програмата за претприемништво и иновации, Култура, Европа за граѓаните, Програмата за интелигентна енергија, Цивитас и др. Подготовката на проекти за овие програми бара воспоставување на партнерства со општини, организации и институции како од земјите членки на ЕУ и од земјите со кандидатски статус. Планираме да се насочиме и кон овие програми.

Кои се другите инстанци за црпење средства за локални проекти?            Значајни се проектите кои се реализираат во соработка со други домашни и странски донатори и институции. Се се реализираат проекти преку Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Агенцијата објавува повици за подобрување на руралниот развој, а општините аплицираат за финансиски средства инфраструктурни проекти во селата. Лани аплициравме и добивме два проекта. Станува збор 20 милиони денари за градба на улици во селото Големо Коњари и градба на фекална канализација во селото Мало Коњари. Дополнително учетство ќе се обезбедено од локланиот буџет. Во тек се јавните набавки и наскоро почнуваат работите. Се подготвува апликации за огласи се објават годинава. А при крајот на 2013 заврши реконструкцијата на дел од градинката Бончејца. Тој проект беше плод на Форумот на заедниците, овојпат преку буџетски форум, а со него порасна капацитетот за згрижување  уште за 80 – 100 деца. Проектот беше 6,8 милиони денари, од кои 2,4 милиони обезбедени Швајцарската агенција за развој и соработка, а остатокот Прилеп.

Каде има други извори за Прилеп?

ЛЕР учествуваше во подготовката на двете проектни апликации за програмата за подобрување на општинските сервиси  од Светската банка. Со нив се реконструира ул. “Александар Македонски” на влезот во Прилеп, делот од бензинската станица на Лук оил до крстосницата кај Солидност. Дел од почнатите проекти продолжуваат годинава, како на УСАИД – Младинска мрежа за вработувања ЅЕС и Проектот за експанзија на мали бизниси.

Дали ЛЕР сам аплицира и најдува партнери или соработува со други сектори?

Процесот на подготовка и имплементација, како и разновидноста бараат соработка со другите сектори и одделенија во општината и тоа во областа на инфраструктурата, урбанизмот, финансиите, јавните набавки, правните работи и јавните дејности, како културата, образованието, детската заштита и др. Соработката е успешна. Само така успеваме да излеземе во пресрет и да ги исполниме поставените критериуми од донаторите. Соработуваме и воспоставуваме партнерства и со многу други локални, национални и меѓународни институции и организации како УСАИД, УНДП, СДЦ, ЦИРа, Центарот за вработување, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион, Регионалната стопанска комора, Регионалната занаетчиска комора, Занаетчиската комора на Македонија, Економскиот факултет, локалните невладини организации и др. Секој проект, било европски или од некој друг домашен или странски донатор, или пак од Владата, министерствата, агенции или институции, бара голема посветеност и професионалност во подготовката на апликацијата. А уште повеќе во имплементацијата. Потребно е спроведување на сите процедури пропишани со рокови, согласно временската рамка. Прилеп потврди дека  располага со кадровски капацитети, а со реализациите постојано се надградува и надополнува портфолиото, што е важен предуслов за нови проекти.

Loading