СПОРТСКИ АМБАСАДОРИ

Извезуваме фудбалери и ракометари

– Даноски и Спиркоски во Чешка, Тофилоски во Словачка, Несторовски во Хрватска, Кузманоски во Романија, а Атанасоска во Германија

Градскиот спорт долго стагнира. За среќа група спортисти успешно нé претставуваат во странство. Задоволство е да се следат настапите на фудбалерите и ракометарите.

Во силната Чешка елитна фудбалска лига втора сезона игра Зоран Даноски – Шукер (23). За екипата на Прибрам есеноска настапи на 15 од 16 меча и даде два гола. Трет стрелец е во тимот кој се наоѓа на 14. место меѓу 16 клуба. Извесна е борбата за опстанок со оглед на бодот предност пред последниот, но постојат шанси и за прогрес кон средината, бидејќи само два бода бега деветтопласираниот. Да се биде дел од овој шампионат е голем успех. Чешка е некогашен европски првак, а во лигата има прочуени екипи како Спарта и Славија.

Во Чешка настапува и помладиот Бојан Спиркоски (18). Есеноска во Височина од Јихлава доби право да игра од 4. коло во младинската лига. Настапи на 18 меча од 20 кола и даде два гола. Неговиот клуб е во средината на табелата. Напролет продолжува, а в лето се очекува премин во сениорската екипа.

Во соседната Словачка брани голманот Дарко Тофилоски (27). Мошне успешно ја чуваше мрежата на Кошице. На 18 меча прими 26 гола. Не бранеше само на еден меч. Неговиот тим е на 9. место меѓу 12 клуба и му претстои борба за опстанок. Тофилоски со своите одбрани е во потесниот избор за голман на репрезентацијата на Македонија кај селекторот Бошко Ѓуровски.

Во втората лига на Хрватска игра Илија Несторовски (23). Есеноска беше убедливо најдобриот стрелец со 12 гола за Интер Запрешиќ. За споредба, вториот зад него е само со три. Сите други заедно во екипата имаат 15. На табелата екипата е петта со шанси за пласман во Првата лига. Во купот само еден гол ги делеше до полуфиналето. Пролетва се очекува Несторовски да продолжи со кинење второлигашки мрежи, а наскоро е можно да премине во некој реномиран прволигаш.

Двајца ракометари се за пофалба. Во Романија со одлични настапи нî претставува Горан Кузманоски (31). Есеноска беше втор клупски стрелец со 64 гола за Одорхеу. Екипата се пласира на петтото место со биланс од осум победи и пет порази. Во Германија дел од Бундес лигата е Матилда Атанасоска (29). Со екипата на Вулкан Кобленц е на 10. место со 10 порази и четири победи.

Loading