СТРАНСТВО Е МЕРИЛО, КАДЕ НЕ ПОМАГА “ВУЈКО ВЛАДИКА”

Надежи

Секоја чест, капа долу за успешните во странство, а еден од нив е 18-годишниот фудбалер Бојан Спиркоски, член на чешкиот прволигаш Височина од Јихлава. За разлика од дома, надвор од границите не помага “вујкото владика” и секој сам е одлучувачкиот фактор.

– Патот е тежок. До потпис на тригодишниот договор дојдов по едномесечен престој со тренинзи и тест-мечеви. До наполнување на 18 години се вратив во 11 Октомври и по шест месеци, летоска, заиграв во младинскиот тим од Јихлава. Задоволен сум од статусот во првата постава како креатор на играта, а наредното лето очекувам премин во сениорскиот тим. Не ги заборавам корените во школата Шампион со тренерите Ѓорчески, Овезоски и Талески, во 11 Октомври со Наумоски и Крстески. Во Чешка научив дисциплина и борбеност – вели Спиркоски, момче од Долнени.

По неговите стапки чекорат најмладите. Во Шампион школата на Победа има повеќемина, а засега најистакнат е полушпицот, 15-годишниот Андреј Карапеев. Во есенскиот дел придонесе за одличниот биланс од само еден пораз и седум победи за прво место на табелата. Незадржлив, постигна 14 гола и веќе го предизвика вниманието од скаутите.

– Давам голови речиси на секој меч. Еднакво се служам со глава и со нога. Со примена на тренерските совети ќе стигнам до целта. Добредојдени се сугестиите на Бојан Спиркоски, со кого зимава секојдневно се дружам – истакнува Карапеев.

Надежите ги сретнавме со тренерот Стевче Талески, кој детално го следи нивниот развој. За секој тренер нема поубав успех од веста дека некое дете со кое работел долги години, станало професионален фудбалер.

– Таленти има, но тренираме во тешки услови. Нужна е поддршка – порачува Талески.

Loading