Кога туризмот е стил  на живот…

Турската Мека – Бодрум

Бодрум или поранешниот Халикарнасус, е град со историски знаменитости, убави плажи, одлични ресторани и ноќен живот. Распослан на полуостров, со бели куќи, со убава марина, е најпопуларното место за одмор на Егејот во Турција. Го споредуваат со монденско летувалиште или турско Сен Тропе.

Турскиот бисер од големото крајбрежје е модерен европски град. Плени со уреден простор и богатото историско и културно наследство. Тешко е да се пренесе со зборови, туку е потребно да се доживее со сите сетила. Едноставно, да се “допре со очи, уши…” и да ужива.

За мерак се прошетките крај марината со луксузните јахти. Потоа низ тесните улички, па до другиот дел каде може да се потседне за одмор и да се пиете кафе во некој од популарните барови. И мирисот од турската кујна се разлева околу рестораните и мами да се вкуси дел од многубројните турски специјалитети.

Привлекува чистото и прекрасно море кое попладне од лазур се претвора во сребро на залезот на сонцето. Градот е полн со историски локалитети, каде се чува традицијата, дополнета со модерното. Очите се “радуваат” на  доминантната и импозантна тврдина или како што го викаат замокот Св. Петар од 15 век. Таа е импресивен средновековен објект, граден од витезите на Свети Јован, христијански воини кои се бореле на овие простори, кој некогаш служел како болница, утврдување, црква…, а денес е музеј. Со разгледување се запознаваа богатството на Бодрум. Воодушевува фантастичниот поглед на морето, заливот и на градот од височината. Не само сетилата за вид, туку и душата се полни со пријатни чувства. Река од љубопитни туристи се упатува кон реставрираниот антички театар, типичен за големите антички градови од минатото. Дел од историјата на градот се експонатите сместени во неколкуте музеи.

Преку морските превозни средства и марината може да се “фати” сета убавина на блискиот грчки остров Кос.

Нема човек што не ќе посака да се одмори и разлади на песочните плажи  и кристалното море. Можна е промена на некоја друга плажа со куси крстарења. Многу агенции нудат еднодневно доживување на морето со вклучен ручек.

Бодрум не спие. По заоѓањето на сонцето, живата атмосфера поткрева и го брка сонот. Градот блешти ноќе. Илјадници луксеви ги осветлуваат продавниците до доцна во ноќта, додека забавите не стивнуваат до мугрите. Необично е уживањето со капка вино во пабовите и баровите со различен стил крај брегот. Може да се доживее и културата, па и стомачниот танц преку турскиот фолклор на организирани вечери на националото наследство.

Текст и фото Ка.М.

Loading