Иселувањето не е само за егзистенција

Интервју Петар Ристески – пратеник од ВМРО – ДПМНЕ

Пожарите на виделина ја исфрлија сета државна немоќ и граѓанско поведение за потфрлање на системот во оваа област. Дали би можело да се очекува серизона долгорочна стратегија и кампања за спречување стихиите, не само огнените, и државава да не “гасне” пожари, туку да ги превенира?

Катастрофата со пожарите неколку години ја покажа катастрофата од неодговорно и криминално (не)работење на претходната власт. Ако последната влада на ВМРО ДПМНЕ набавуваше авиони за гаснење пожари (ер трактор), СДСМ и ДУИ не ги сервисираа и ги оставија во хангари нефункционални. За набавка на противпожарни возила и опрема да не говорам. Зошто? Може да се види кој работел во бизнисот со пелети низ годиниве и ќе стане јасно кои се пајташите на министерот Љупчо Нилоловски. Изгорената дрвна маса ја користеле како суровина по багателни цени.

Во овој контекст секако се екологијата и пошумувањата. Не е тешко да се констатира дека дрвокрадството е една од причините за мотивите за опожарување и за уништување на природната средина. Чаре?

Проектот “Засади дрво – засади иднината” на ВМРО ДПМНЕ беше прекинат. Повеќе од јасно  е кој дозволи Прилеп и цела Македонија да се жртва на дрвокрадците за глас повеќе на изборите. Сега сме сведоци како е почната бескомпромисна борба против дрвокрадците и колку од нив се фатени и изнесени пред лицето на правдата. Чарето е домаќинско работење кое веќе граѓаните го гледаат на дело.

Прилеп е тутунски град со традиција. Последниве години опаѓања производството заради најавите за редукција на тутунските производи и високи давачки, покрај зголемените цени и субвенциите. Што може тука да се направи?

Тутунопроизводството овие неколку години опаѓа како резултат на лошите аграрни политики. Штетниот Закон за тутун и производи од тутун кој се обидувавме четири години да го промениме, сега ќе го промени. Тоа е причина за намаленото производство. Цената на тутунот не може да се одредува само во договор со откупувачите. Тука мора да бидат вклучени и производителите. Недозволиво е откупната цена да не се знае на денот на откупот и да е идентична со производствената. Мора да се забрани увозот на ситнолисен тутун додека не се откупи последното ливче од домашно производство.

Покрај “белата чума”, падот на наталитетот и иселувањето што ја погодува не само нашава земја, дали може да се очекуваат некои поефикасни државни мерки за ублажување на овој процес?

“Белата чума” е процес кој не ги одминува ни најсилните економски држави. До 2017 г. имавме добра стратегија за поддршка на повеќедетни семејства, субвенционирање за трето и четврто дете што беше прекинато од владата на СДСМ. Повисоки плати на нашите работници,подобри социјални политики, нови детски градинки се мерките кои ќе ги спроведеме за намалување на оваа појава. Ставањето во функција на институциите на системот е мерка која ќе влијае на иселувањето. Последниве години сме сведоци дека граѓаните се иселуваа не само од егзистенционални причини, ами и од нефункцинирањето на државниот апарат и неподносливото ниво на партизација, криминал и корупција.

Нормално е граѓаните кои ви го дадоа гласот не само од Прилеп, туку и од целата четврта изборна единица, да очекуваат и да се заземете за државни проекти за локално ниво. Што може да се очекува, еве за Прилеп?

Со новата влада на ВМРО ДПМНЕ ќе има многу средства за проекти во локалните самоуправи вклучително и за Прилеп. 250 милиони евра ќе бидат поделени на општините за капитални проекти. За Прилеп тоа се околу 35 милиони евра за четири години за капитални проекти. Сигурен сом дека со овие средства ќе се реализираат сите проекти кои се ветени пред граѓаните на избори. Прилеп повторно ќе блесне во полн сјај како што заслужува. Ќе се изградат двете катни гаражи во центрот, кружниот тек со мост на градската река кај Табана, улицата Победа, обиколницата кај вештачкото езеро со што би се растоварил сообраќајот во градот од тешките товарни возила. Ќе се доасфалтираат улиците во градот и селата, канализација во неколку населени места како Канатларци, Мало и Големо Коњари и уште многу други капитални инфраструктурни проекти.

Покрај реакциите за зголемувањето на платите на функционерите за 78 отсто од претходното мнозинство, се најавува ново од по неколку стотини евра плус?

Зголемувањето на функционерските плати крена доста прашин. Тоа се случи со одлука на Уставиотн суд, со суспендирање на незаконска мерка за замрзнување на платите во 2014 г. Мислам, но се сложувам дека беше одеднаш и иссилено и дека навистина иритира. Дополнително зголемување е шпекулација и нема да има, бидејќи тоа го регулиравме со закон.

Ви сте релативно млад политичар кој се наметна и ги освои симпатиите не само во паратијата, туку и меѓу членството и граѓаните, и сте избран за пратеник во третиот мандат. Како?

Благодарам на вашата констатација дека сум ги освоил симпатиите на граѓаните. Ако е така, рецептот е тоа што останав цврсто со нозете на земја, знам кој ме одбрал, зошто ме бирал, работам и ќе работам во интерес на народот и државата. Издржав на притисоците во одбрана на националните интереси. На говорница се борам искрено за решавање на проблемите на граѓаните и ги изнесувам без влакна на јазикот и на директен начин со народски вокабулар. Достапен сум за сограѓаните 24 часа. Не се случило да не ме добијат на телефон, на социјалните мрежи. Цело време сум преку во директна комуникација. Помагам секому колку можам и што можам. Не одмагам. Мислам дека тоа е клучот на успехот. Кога мојата партија е власт, ќе продолжам да помагам уште повеќе за подобар живот на моите сограѓани и на сите граѓани на Република Македонија, посебно оние од четвртата изборна единица на која припаѓам и од која сум избран.

Loading