ЖИВОТ ВО ОБЛАЦИ

Висококатниците се украс за градот

– Поглед на дланка, ветер и сонце

Прилеп наш не е што – годе град. Има со што да се фали. Се урбанизираат делови од градот, а во центарот веќе неколку децении се вишнее 13-катницата и деветкатницата. Тие се највисоки живеалишта. Нема други такви. Повиската, прилепчани ја знаат како некогашна “офицерска” зграда. Ја викале дури кралица во урбанизмот.

Како се живее на 13 – тиот кат, во  небесните убавини, небаре живот во облаци. Од прозорецот небото е “на дофат”, сонцето “повеќе” топли, а градот како да е на дланка. Нема панорамска фотографија, а да не е “кадросана” од 13- катницата и деветканицата. Од највисоко, најубаво се гледа. Нема и фотка од градов без “убавицата на високи потпетици”, уште повеќе откако се уреди и кружниот тек со споменичниот комплекс Карпалак. Станарите од повисоките катови се “привелигирани”. Редат само пофалби. Ем в центар, ем на највисоко. Саглам се супериорни. Имаат “рајска” убавина за очите и душата. Признаваат дека има и недостатоци животот на високите катови. Климатските промени први ги чувствуваат. Лете повеќе им жежи, ветре небаре од зад врата им фучи, дожд силен чунки дома им врне, а зима северко им ги мрзне прозорците. Некои сметаат дека ем се сами горе, ем се главни, и не им смета отежнатата комуникација кога лифтот не работи или е зафатен.

– На 13-ти кат сум. Нормално е живеењето. Интересно е што си над градот. Зградата е највисока, а сето друго е ниско. Не е можеби којзнае колку висока, не е 200-300м. Меѓу поситни градби изгледа “доминантно” со своите 50-тина метри. Специфично е тоа што си во центарот, а всушност кога живееш најгоре, на последен кат, се чини како да си некаде подалеку. Тивко е, не се слуша врева, ни метеж од сообраќај, што инаку е вообичаено за животот в центар или на подолните катови. Звукот од улицата не се слуша, ама звукот од далеку продира, на пример од Маркови кули некој да викне, кучиња да залаат, кога пее оџата или има ромска свадба. На подолните катови, звукот од возилата повеќе се чувствува. Позитивно е да се живее горе, има убав поглед кон езерото. Ги гледам птиците од птичја перспектива. Има ластовички, седла си прават. Спасени сме од оси и муви. И ним им е високо. “Не можат” да долетаат. Волшебно е. Дува  повеќе во зима. Во лето е пожешко, но, поставивме изолација и нова дограма, па помалку се чувствуваат промените. Со силен ветер, изгледа како зградата да се ниша да трепери и вибрира. Силен дожд се слуша многу, оти директно паѓа врз плочата, особено ако дождот е со ветар. Тогаш најмногу “мава” по прозорците. Гости кога ќе дојдат, се прашуваа што е тоа. Им создава малку непријатно чувство. Го користам редовно лифтот, но има станари до трети кат кои одат пешки. Одвреме на време, кога лифтот не работи, се качувавме и пешки. За среша уште сме помлади, па е можно еднаш дневно. Последниве години не паметам да се качам без лифт. Евентуално, струја ако снема Тоа е кратко,  15-20 минути. Можеш да поседеш малку надвор пред зграда, оти, инаку, “мора” со лифт. За здравје, ако сака некој, може и пешки. Кога би имал можност да го променам местото на живеење, пак би бирал највисок кат, да нема никој над тебе. Убаво е да си последен со ширина, со поглед. Никој не тропа над тебе. Навикнав. Чудно ми е кога ќе појдам на понизок кат. Гледам во друга куќа, во друга тераса. Кога ќе ми дојдат гости, се чудат, поинаку се чувствуваат. Никој не рекол, “леле, ми се лоши, ми се врти” – вели станар од најгорниот кат на 13- катницата.

Станарите на последните катови на деветкатницата прекрасен панорама. Глетката е воодушевувачка. Небаре живот без ограничување. Друг стил, без двор и порта. Становите се како посебни оази во небесната шир.

– Најубав ми е погледот од прозорот. В центар, а толку е тивко. Живееш најгоре, а не се чувствуваш како да си в центар. Несекојдневно чувство за височина. Особено необично ми е чувството кога има земјотрес. И најмал потрес се чувствува. Колку погоре, толку повеќе се лула, па се се чувствува – вели жител на деветкатницата.

Неверојатната архитектонска вештина на изградба на колективни згради овозможува животот во висококатниците да биде поинаков од оној во индивидуалните станбени објекти.

– Интересно е да се живее во височина. Претходно живеев во куќа, а тука сум од 1981 година. Првин ми беше необично. Потребен беше период за адаптација. Убавината е што градот го гледам од добро утро со добраноќ. На горните катови нема толку прашина, нема бучава. Оние со предрасуди велат дека на високо е многу жешко. Не е точно. Земјотрес се чувствува прилично. Помал потрес ниша силно, отколку на некој понизок објект. Лифтот ретко е во дефект. Лесно е. Навика е лифтот и на втори никој не оди пеш, освен некој што нема клуч или што сака да слабее. Кога имаше проблеми со водоснабдувањето, комшиите од пониските катови беа во предност, бидејќи по природен пат имаа вода. Гостите често се шегуваат, “Еее, многу високо живеете!”. Некои се воодушевуваат од глетката од балконот, посебно ноќе. Други се плашат дури и на тераса да излезат. Уживам во глетката и функционирам нормално, како на приземје. Обезбедена е терасата, но надзор мора да има. Височина е височина. Има предности и мани. деветкатницат е помала од 13 катницата, но се гледа сé околу. Порно беќше заштитен знак на градот, оти беше највисок објект – вели станар од последниот кат на деветкатницата. 

Според согледувањата на психолозите и научниците, животот во висококатниците ја попречувал во извесна мера и комуникацијата. Животот е поизолиран. Луѓето се подалеку од природната средина. Не е толку блиска комуникацијата со улицата. Научниците полемизираат дали поразредениот воздух влијае врз здравјето, на нивниот крвен притисок. Во светот има илјадници висококатници од кои застанува здивот, а волшебна глетка се нуди и од прилепските “облакодери”.

Loading