Три дена слава на пивото

Постепено се враќа празникот на пивото во градов. Иако под ново име, Бир викенд, сепак по ланските одлагања и септемвриското издание, годинава организацијата мина со повисока оценка и надеж дека в година манифестацијата за слава на слатко горчливата пена ќе биде на нивото од пред десетина години кога градот го “окупираа” десетици илјади гости. Поскромно од некогаш, но подобро од лани, граѓаните и гостите три дена густираа пиво во центарот и мезеа од надалекупознатите прилепски специјалитети на жар на околу 3000 м2. Особено беа “среќни странците”, кои уживаа во амбиентот во родната земја.

Им легна и забавата, односно во солидниот избор на интерпретаторите кои предизвикаа сите да ги “впрегнат” грлата во некои од рефрените. Главно, македонските забавувачи  успеаја да ги анимираа граѓаните и да предизвикаат еуфорија, поткрепена со некој малиган повеќе. И чаршијата живна со зголемениот промет од вонредното работно време. Вообичаениот “шлагворт” беше скромниот огномет за епилог, доволен за одржување на традицијата.

Како и да е, се надминува дилемата за или против организирање на традиционалната манифестација. Според годинешниот број на посетители, победуваат заговорниците за одржување на манифестацијата, се разбира, со катагодишно збогатување и со поголем буџет.

Стои оптимизмот дека локалните власти в година ќе најдат начини за обезбедување повеќе средства за оваа манифестација, која, еве се потврди дека солидно котира со атракцијата според бројот на посетителите.

Инаку, во трите дена, од 9 до 11 август, настапија близу 20 музичари од Македонија и Балканот. Пееја Бојана Скендеровски, српската група Ван Гог, Наум Петрески, Огнен Здравковски, Таско и Суперхикс, Амадеус бенд, Сања Вучиќ, Миле Кузмановски и неколку диџеи.      

 

Loading