КОНЦЕРТ НА ДУХОВНА И МАКЕДОНСКА НАРОДНА МУЗИКА

Храм Света Петка продолжува со хуманитарните акции

Продолжува циклусот хуманитарни концерти за доизградба на храмот Св. Петка. В среда, 24 јули, од 20:30 часот на платото пред црквата во Точила ќе се одржи концерт на духовна и македонска народна музика. Ќе настапат, женскиот камерен хор Керамија, под диригентство на Катерина Попоска и црковниот хор „Св. Петка”, предводен од протопсалтот м-р Гоце Секулоски.

Инаку, женскиот камерен хор Керамија го предводи Катерина Попоска, дипломиран музичар теоретичар и педагог. Во едногодишното постоење, хорот постигна забележителни резултати на државно и меѓународно ниво. Тие ќе се претстават со духовни композиции од Бортњански, Архангелски и други, како и македонски народни песни.

Црковниот хор „Св. Петка” пак, под диригентската палка на протопсалт м-р Гоце Секулоски, активно учествува во молитвено – литургискиот живот во храмовите. Хористите ќе пеат духовни композиции од Христов, Мокрањац, К. Македонски, Бадев, Скаловски, Секулоски… Имаат издадено мултимедијалното ДВД „Крепост и Достолепие Македонски – десет прилепски цркви и манастири”, кое придонесува за развојот на духовниот и манастирскиот туризам во градот.

Влезот е слободен, а собраните средства ќе се искористат за доизградба на црквата во Точила, која е подигната по сто години.

На Иванден, под мотото “Од векови за векови” настапи Драган Даутовски, Ратко Даутоски и проф. д-р Андријана Јаневска.

Loading