Даниел Мелвил Македонска рапсодија 39

Една од прислужничките í донесе во библиотеката на сењора Изабел безалкохолен коктел од овоше. Го остави на масичката и излезе. Во пијалокот пливаа два малечки топки мраз. Изабела почна со сламка да пие од течноста, размислувајќи на истата тема. Мина повеќе од еден месец после заминувањето на Инес во иднината. Таа не доби никакви вести. Дали ќе го исполни ветувањето? Во мислите гледаше како излегоа од онаа таинствена подземна просторија во Чичен Ица и победнички чекореа задоволни, весели заради успешно свршената работа, што веројатно беше многу важна за Инес и за нејзините современици кои живеат на почетокот од 31 век на истата оваа планета, во истите овие Соединети Мексикански Држави. Образованието на Изабела не í дозволуваше да сфати како е можно да се патува низ времето. А, и Инес сигурно не сакаше да í ги даде сите информации. Колку што разбра од девојката, минатото, сегашноста и иднината коегзистираат во времето што има форма на сфера. Благодарејќи на некаква вселенска енергија за денешните поими неисцрплива, што се најдува насекаде, можно е со извесна технологија да се патува низ времето и, во некои случаи, и само во некои случаи “барем за сегашната наука”, т.е. онаа од времето на Инес, да се сменат настани што се случиле во минатото, или да се избегнат настани што треба да се случат во иднината. Сето тоа е строго регулирано со закони што постојат во општеството во кое живее Инес. Една од времепловските станици во времето на Инес служи за тргнување. Потоа, прописно, овластениот патник пак се враќа во истата станица, што ќе го привлече во дадениот момент како магнет во времето на нејзиното постоење. При транслацијата низ времето не се седи во некаква машина, туку патникот е обвиткан во некое вретено, што тој може по желба да го поништи, или, пак да го обнови околу себе. Без специјална дозвола строго е забрането патниците да донесуваат предмети од различни епохи. Треба да ја чуваат тајната за тие патувањата, освен овластување ад хок од надлежната власт. Патниците не смеат да преземат иницијативи во времето каде што отишле дури и кога би им било можно да му го спасат животот некому, а тоа од причината што би предизвикале промени во иднината чии последици во некои случаи можат да бидат тешки, па и катастрофални, а можно е да се одразат и на луѓето кои живеат во времето од Инес. И така натаму…

– Добарден, Изабела!

Пред неа стоеше Инес. Одговори:

– Добарден! Каде ви е “извидникот”?, праша, мислејќи на сферата што зрачеше црвена светлина.

– Минатиот пат од технички причини не можев, но и овој пат е околу нас, ама во невидлива состојба, и е во врска со мене и со станицата од каде тргнав, за да дава во случај на потреба, или на наше барање, информации.

– Коктел од овоштие?

– Да, благодарам!, прими Инес и седна визави неа па, штом Изабела го послужи пијалокот, веднаш навлезе во битниот дел од темата:

– Тргаме.

– Кога?

– Уште денеска, ако е можно. Работата не треба да се влече.

– Добро, земете некоја книга од полициве, додека ги средувам со луѓето кои работат во куќава и на имотот. Колку време ќе отсуствуваме?

– Предвидете една седмица, но можно е да се вратиме порано.

Изабела излезе од библиотеката, ја заклучи вратата никој да не влегува таму и да ја види Инес, а не ја виделе кога пристигна, па би можело да си поставуваат прашања за присуството на непознато лице во куќата, и брзо ги реши прашањата со персоналот и со шефот на работниците на имотот. Викна такси и малку потоа со Инес, која скришно се качи во автомобилот на еден од споредните влезови во зградата, се упатија кон една улица чија адреса ја даде Изабела на таксистот. На таа адреса се најдуваше стариот стан од времето кога Изабела и Дарон се населија во Веракруз и подоцна, кога се позбогатија, го купија “за спомен”. Од тој стан, невидени и нечуени од никого, двете жени отпатуваа 30 години во минатото, во периодот кога уште Дарон не беше болен.

 (продолжува)

Loading