Не само морско летувалиште…

Лорет де Мар – Шпанија

Лорет де Мар е најпопуларното одморалиште во Шпанија на 70 километри од Барселона, во Каталонија. Според некои, најубавото и на Медитеранот. Средоземноморски тип на град со богата историја, култура, фантсатични предели, кристално море. Затоа посетителите имаат незаборавен престој.

И секоја нова посета, фанатастичниот впечаток не се менува. Спомените се обновуваат и траат.

Градот е поврзан  со автобуска и железничка линии. Се стигнува брзо и едноставно. Ги предизвикува на восхит сите генерации, особено младите, заради безграничните забави, особено ноќе. Инаку, е совршено место за релаксација, за уживање. Навечер е понудата во кафулињата и ноќните клубови, или фламенко. Бајка.

Што да се види?

Море и сонце на различните плажи. Некои малку со камења, па со ситна песок, чисти и уредени. Сите се јавни, нема плаќање за лежалки. Секој може да да си купи шатор од заштита од сонцето и лежалки, бидејќи цените се пристојни. Температурата на воздухот е околу 29 степени. Идеална за сончање, а водата е малку поладна во однос на другите делови на Медитеранот. Околу 20 степени, во зависност од струите, но е пријатно за капење. Брегот е малку подлабок. Морето е често брановито, но нема забрани, иако има спасители и чувари. Наутро, порано водата е чиста, проѕирна, без многу метеж. Околу пладне или попладне врие од капачи. Нема место каде да се стави крпа.

Лорет де Мар е “окупиран” претежно од млади. На улиците се слушаат различни јазици. Музиката од ноќните клубови трешти до мугрите. Ноќе градот е силно осветлен. И тврдината на ридот.

Ова крајбрежно место не располага само со убави плажи, туку и со историски објекти, споменици. Пожелно е да се види Поморскиот музеј во извонредна градба во центарот. Полн е со експонати со висока историска вредност на некогашното рибарско гратче. Поставката е модерна, а погледот од терасата чини “милион далари”. Атрактивен е средновековниот реновиран замок Св. Јован. Оттаму има прекрасен поглед на морската шир, на градот кој датира од 11 век. Црквата Санта Рома, во византиски стил, со шарен покрив и купола, во чаршијата, не може да се одмине. “Скроена” е во уникатна и специфична архитектура. Плени Санта Клотилдовата градина со “одмор од одмор”, мирно и спокојно место, врвот на ридот со поглед кон морето. Идеално за романтика, уживање, за чувствување на егзотичната природа или пак инспирација за фотографирање. Во градината се среќаваат зелени тераси, украсени со цвеќиња, интересни дрва, статуи, скали, фонтани, прошарени со уредени патеки.

Жените во каталонската култура имаат посебно место. Затоа, на врвот од ридот е поставена статуата на морнарска жена или како што таму ја викаат Дона Маринера. Споменикот ја претставува рибаревата жена, чиј маж никогаш не се вратил од морската шир. Чекајќи го сопругот, жената се скаменила. Се верува дека ако се погали статуата, ќе  се остварат сите сништа.

Шпанија има добра кујна и одлична храна. Градот е “послан” со ресторани на секој чекор. Цените се прифатливи, како за монденско летувалиште. По хотелите, храната е разновидна и е по принцип на шведска маса. Пожлено е да се вкуси шпанската кујна со различни салати, риба, месо, тестени, сосови… Неизбежен е и десертот. Навечер се пие сангрија, шпанско пиво или егзотични коктели во кафулињата….

Лорет де Мар е воодушевува. Нужно е да се доживее берем неколку дена.

Текст и фото: Каролина Мицевска

Loading