Печали  в туѓина – троши дома

Корените влечат во родниот крај

Секогаш се враќаме на корените. Судбината многумина ги однесле во странство, во потрага по подобар живот, работа или семејство. Кај дијаспората никогаш не гасне искрата на семејното огниште колку и да е запретана со пепел. Носталгијата трга за родниот крај.

Велат, Македонија е мала, но најубава за одмор. Сограѓаните во странство велат дека ги учат помладите да ги познаваат родните места на своите родители, предци. Доаѓаат “дома” синови и ќерки, родени во туѓа лулка да се сретнат и запознаат со роднините. Не се “прилепчани”, ама се задоени со прилепски табиети и тетипи поради родителите. Градот ги привлекува не само за одмор. Некои ги “мами” сонцето, оти овде најубаво зрачи. Нечија свадба е повод за дома.

На Мухамед Бајрамоски не му е сефте одморот да го врви во Прилеп. Возел повеќе од 2000 километри да биде сват кај роднините. Му се допаѓа нашата мала, но чудесна земја. Останал три недели.

– Се видовме со роднините и тука и во Струга, Охрид. Роден сум во странство, но од дете родителите ме носеа во Прилеп, да ги видам баба ми и дедоми, вујковците, братучедите, тетките и чичковците. Многу пријатно се чувствувам. Овде животот е поспокоен. Убаво е за одмор – кажува Бајрамоски од Германија.

Прилепчанецот Зоран 16 години работи во Љубљана. Создал семејство. Секоја година во јули, август, тринеделниот одмор го користи дома, комплет со жената и децата. Доаѓа кај мајка си и братот. Се радува што родниот град се изменил, се дотерал, но има уште места за уредување.

– Во Прилеп сé ми се допаѓа. Центарот е убав. Во Љубљана е подобро, оти не се оптоваруваш со ништо. Овде политика многу се меша насекаде – кажува Зоран.

На Илија Стојаноски, роден во Германија, летна дестинација му е градот под Маркукуле. Тука му е татко му кој по пензионирањето се вратил дома од Штутгарт.

– Доаѓаме лете на 2-3 недели со фамилија. Дел одморот го користам на море во Грција, а дел дома. Тука сум за Велигден, за  Божик… Секоја друга можност за покус престој сум тука. Иако сум роден во странство, овде сума дома – вели Бајрамоски.

Нашите гастербајтери велат дека овде животот не е скап во споредба со странство, ама со странски примања. Добро е да печалиме “горе”, а да трошиме “долу”. Му се допаѓа градот, оти е поефтино. Уживаат во вкусот на специјалитетите на скара.

Некои го темпираат престојот дома со Пивофест.

– Ми летаат деновите. Возбудливо е, слобода, средби со старите другари, пријатели, школски… Таму животот е поинаков. Работа, па два – три саати патување од дома до работа и назад. Само за викенд може нешто да се “скубни” – велиПетар Мирчески.

Џелал Амедоски од 1987 година заминал во Швајцарија. Ужива со заработените пари во Прилеп. Десетпати годишно се враќа во родниот крај.

–  Им “здодеав” на роднините и пријателите. Лете останувам цел месец. Малку бизнис, малку да ја видам фамилијата. Шетаме, трошиме по свадби, по кафеани. Се разликува градот од порано. Оди на поарно. Подруго е со овдешниот народ, покомуникативни се нашите, за разлика од Швајцарија каде луѓето не се толку блиски – кажува Амедоски.

– Плачам за Прилеп. Тој е мое сонце, срце, фамилија, потекло, дом… Ми недостига, ама заминав од сиромаштија, беда, мизерија. Би било супер да се живее овде со парите што се заработуваат во Швајцарија – вели Илмија Јашароски.

Loading